Двојните аршини на владеењето на СДСМ излегоа на површина. Додека обични граѓани се малтретираат и тужат за една неплатена сметка, полицијата на Оливер Спасовски директно штити крадење на струја во ГТЦ, се вели во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
– На телефонски повик на Спасовски, поточно на висок службеник од полицијата, службениците се повлекоа од увид на лице место, само затоа што јавна тајна е дека струја од ГТЦ краде функционер од власта и коалиционен партнер на премиерот во заминување Зоран Заев. Во Управниот Одбор на ГТЦ каде се штити крадење на струја е Трајанка Тасевска сопруга на директорот на БЈБ Сашо Тасевски и претседателка на локалниот форум на жени на СДСМ Кисела Вода, се вели во соопштението.
Значи, се додава натаму во реакцијата, МВР штити крадење на струја поради тоа што меѓу другото сопругата на директорот на БЈБ на МВР управува со ГТЦ.
– Токму затоа ЕВН излезе со информација дека нема екстра броила во ГТЦ со што го демантираше МВР и потврди дека се краде струја. Каде во светот на друго место има случај каде на телефонски повик, полицијата се повлекува од увид на лице место каде е констатирано кражба. Тоа е можно само со криминалци на власт на чело со премиерот во заминување Зоран Заев, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.