Во пресрет на двојните избори – вториот круг од претседателските и парламентарните избори (8 мај), денеска во земјава ќе гласаат болните и изнемоштени лица чии пријави биле прифатени од општинските изборни комисии. Гласаат и затворениците, лицата во притвор и во вонсемејни заедници, како и две раселени лица.
За вториот круг на претседателските и за парламентарните избори зголемен е бројот на пријавени болни и немоќни лица, кои денеска ќе бидат посетени од членовите на избирачките одбори за да гласаат во домашни услови.
Од Државната изборна комисија за МИА вчера изјавија дека за претседателските избори ќе гласаат 11.123 болни и немоќни лица, а за парламентарните избори бројката е поголема за 102 избирачи или ќе гласаат 11.225 болни и немоќни лица.
Исто така, во 14 избирачки места во казнено-поправните установи за претседателските избори треба да гласаат 2.147 избирачи, додека за парламентарните во Избирачкиот список се запишани 2140 избирачи. Денеска гласаат и 534 избирачи згрижени во 20 установи за вонсемејно згрижување, а во Избирачкиот список запишани се и две внатрешно раселени лица.
Гласање во дијаспората ќе има само за вториот круг од претседателските избори на 31 гласачко место, а во посебните изводи од Избирачкиот список за лица кои поднеле пријава за гласање во дипломатско конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се запишани 2.569 избирачи.
Гласање за парламентарните избори во дијаспората нема да се спроведе бидејќи немаше доволен број пријавени наши државјани.
На 8 мај, на вториот круг од претседателските избори, право на глас имаат 1.814.317 избирачи, додека на парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Разликата во гласовите е 1033, генерално поради граѓани кои стекнуваат полнолетство.
Во вториот круг на претседателските избори ќе се гласа за Гордана Силјановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, а на парламентарните избори за 17 листи за пратеници.
Фото: МИА