Во Велика Британија, бројот на деца кои користат електронски цигари двојно се зголеми изминатите две години, предупреди докторката Керолин Џонсон, конзервативна пратеничка и квалификувана општа лекарка, јави ДПА.
За време на деловната дебата во Долниот дом, Џонсон констатираше дека светлите бои и популарните ароми ги привлекуваат младите, иако овие уреди им се забранети.
Како што таа појасни, истражувањето сугерира дека половина од децата кои ги користат, признаваат оти ги купуваат во продавници, а електронските цигари содржат никотин, испарливи органски соединенија и хемиски ароми штетни за младите.
– Кога ќе можеме да имаме дебати со прашања до Владата за тоа како да ги спречиме децата да ги користат овие уреди?, праша докторката.
Лидерот на Домот, Марк Спенсер одговори дека од нејзино име ќе му се обрати писмено на министерот за здравство, за да му го сврти вниманието кон овие грижи.
Процентот на деца во Велика Британија, кои пушат електронски цигари се зголемува, со тоа што многу од нив се под влијание на социјални мрежи како „ТикТок“, покажуваат нови податоци.