Нашата цел е да ја стимулираме науката – буџетот за науката е двојно зголемен оваа година споредено со минатата. Владата овозможи бесплатен пристап кон најголемите две бази на списанија, изјави претседателот на Владата Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека очекува во мандатот на оваа влада „нашите универзитети да се приближат напред кон првата илјадарка“ на Шангајската ранг-листа.

-Буџетот за науката е двојно зголемен оваа година споредено со минатата година. Дали е тоа доволно, бидејќи доаѓам од науката ќе ви кажам не, но е секако повеќе од тоа што беше минатата година, мислам дека околу 650-660 милиони денари. Нашата цел е да ја стимулираме науката и во таа насока е и онаа активност на Владата да обезбеди бесплатен пристап на сите научници и млади, но и поискусни, на две бази на научни списанија, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање  по поставување камен-темелник за изградба на нова спортска сала.

За разлика од  минатото кога, рече, за тоа се плаќаше и беше тешко достапно, „сега веќе го имаат бесплатно, државата тоа го покри за сите универзитети“.

-Очекувам младите научници да продолжат во таа насока да се однесуваат, односно да ги користат овие бази на научни списанија и да ги следат светските трендови, а со тоа да публикуваат понатаму свои научни трудови и со тоа да придонесат нашите универзитети да се приближат напред кон првата илјадарка според Шангајската листа на универзитети, којашто е една од најважните репер листи во светот, и очекувам тоа да се случи во овој мандат на оваа Влада. Ние како влада правиме сѐ“, истакна  премиерот Мицкоски.