Самитот кој е закажан за крајот на јуни во Брисел може да биде клучен за иднината на Европската унија. Лидерите на Германија и на Франција, две земји кои се моторот на европскиот проект, се состанаа во Берлин и ги прецизираа ставовите за клучните прашања.
Според канцеларката Ангела Меркел, целта е да се спречат натамошни поделби на стариот континет, а по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон таа рече дека „Берлин и Париз отвораат ново поглавје во ЕУ“, но дека детаљите треба да се прецизираат со останатите членки од блокот.
Има, сепак, тешки прашања, како тоа за имигрантите, за кои тешко ќе се најде консензус, особено со Италија, но како спасоносно решение се спомнува турската формула. Макрон, сепак, ја поддржал Меркел за враќање на сите мигранти од границите на ЕУ и нивно враќање во земјите каде биле регистрирани, а тоа значи Медитеранот. Пред се Италија и Грција. Тие земји ќе се компнезираат според турскиот модел
Целосно нов буџет Унијата би можела да добие до 2021 година, а според новиот план се предвидува посебен буџет на еврозоната, односно таканаречена каса за сиромашните земји. Неизвесно колкав ќе биде буџетот на таа каса, распонот е од неколку десетина, до сто милијарди евра.
Еден од клучните предлози е тој за формирање европска војска, а тоа значи приближување на Берлин до Париз во идејата за суверена Европа. Оваа идеја ја забрзува и политиката на Трамп во однос на ЕУ.
Што се однесува до перспективите на Западен Балкан, многу нешта ќе бидат појасни по самитот во Брисел, Но, како што сега стојат нештата, речиси целиот регион ќе остане загалавен и наместо моркови повеќе ќе добие стапови. Блиц пипува дека Србија може да биде санкционирана заради дијалогот со Приштина со воведување визи, а Албанија е речси целосно без перспектива за отворање на некое поглавје заради корупцијата и трговијата со дрога. Црна Гора има сериозен проблем со судството, Косово има повеќе проблеми, но сега му се додава и нерешениот случај со убиството на српскиот политичар Оливер Ивановиќ.
Босна и Херцеговина е се уште далеку од ЕУ, додека како единствен светол пример се издвојува Македонија, за која се наведува дека прифатила политика на компромис и ги решава сите проблеми соседите, како и домашните прашања со опозицијата..