Албанската министерка за Европа и надворешни работи Олта Џачка порача дека Албанија е на страната на Косово и ги повика српските власти да не ги оправдуваат ниту барикадите, ниту криминалните групи кои одбиваат да ги отстранат.
– Ние сме со Косово во оваа тешка ситуација и ги повикуваме српските власти да не ги оправдуваат ниту барикадите, ниту криминалните групи кои одбиваат да ги отстранат. Играњето со оган е многу лоша идеја за иднината на сите наши деца, порачува таа.
Во реакција на Фејсбук, во врска со тензиите на северот на Косово, уште наведува дека со „жалење, од минута во минута ја следат вештачки продолжената криза на северот на Косово и длабоко сме загрижени од ескалацијата на тензиите”.
– Барикадите што се подигнати на север, не од некој бран на народниот гнев, туку од група озлогласени криминалци, не само што го спречуваат нормалниот тек на животот, туку се и сцени што потсетуваат на црните денови од 1990-тите кои нашиот регион ги остави засекогаш зад себе заедно со поранешна Југославија која си замина, наведува таа.
Додава дека ова не е време за воени закани, туку за дијалог и соработка.
– За некој ден доаѓа 2023 година. Ова не е време за воени закани или неприфатливи напади против косовската полиција, КФОР и полицијата на ЕУЛЕКС. Ова е време за дијалог и соработка. Оваа опасна конфронтација мора да заврши и сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата, заклучува шефицата на албанската дипломатија.