Премиерот Димитар Ковачевски, вели дека има основа за отворање на Уставот за бришење на дефиницијата „20 проценти“, тема која се актуализираше по објавувањето на резултатите од пописот 2021. Ковачевски смета дека најпрвин треба да се отвори дебата меѓу политичките партии, објави ТВ 21.

Доколку има волја, зошто да не, порачува претседателот на Собранието, Талат Џафери.

-Во однос на процедурите за отворање на Уставот, се знае какви се и со какво мнозинство. Така што доколку има волја, зошто да не, рече Џафери.

Албанските политички партии со став дека терминот „20 проценти“ треба да се отстрани од Уставот.

-Мислам дека претставниците на Албанците и Македонците треба да се придвижат еден чекор напред кон договор за заедничка држава и овој потценувачки математички и некоректен број кој фигурира во нормативните актив на Македонија, оние фамозни 20 проценти во Уставот да се заменат со терминот – албански народ, рече претседтелот на ДПА Мендух Тачи.

И од Беса со идентичен став:

-Движењето Беса со СДСМ имаше договор за етичка графа во личните карти. Дали се направи тоа? Немаше потреба со 2/3 со просто мнозинство, 61 пратеник, дали се направи? Македонците „полудеа“. Зошто? Токму затоа што процентот на Албанците ја диктира политиката, вели Ваљон Бела од Беса.

Пред неколку дена, уставни измени побара и првиот човек на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

ТВ 21 потсетува дека во Уставот и во законите не се спомнува изразот „албански народ“, туку „20 отсто од населението“.

Извор: ТВ 21