Сакам да го изразам моето цврсто убедување дека 1 Мај не треба да не потсетува само денес, туку сите 365 дена од годината дека, градењето на рамноправно општество на рамноправни граѓани почнува од најобичниот човек, од најмалите работни места до највисоките, наведува претседателот на Собранието, Талат Џафери во честитката по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот.
– Работникот, работничките права и должности, нивната безбедност и заштита на работа, подеднакво валоризирање, почитување на секој еден од нив, мора да биде на врвот на приоритетите за секој од општествените чинители. Обезбедувањето на пристојни услови за работа кои ќе ги мотивираат да се вложат најмногу што можат, ќе им даде чувство на припадност и грижа, чувство дека не го носат сами товарот на економските предизвици кои го обременуваат секојдневието од ден на ден се повеќе, додава Џафери.
Собранискиот претседател нагласува дека обезбедувањето на пристојни услови за работа на работниците влијае и на нивното физичко и ментално здравје, кое се рефлектира и во семејствата како основни клетки на едно здраво општествено ткиво.
– Нека биде добро и праведно општество, нека биде грижливо и полно разбирање за сите. Само тогаш ќе имаме напредок и успех, како колектив, како држава и економија. Честит 1 Мај, бидете живи, здрави и рамноправни, вели Џафери во честитката упатена во име на пратениците во Собранието и негово лично име по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот.