Ова е наша трета средба и можност да испратиме заедно пораки за поголема севкупна соработка и за нашата спремност за внесување на нови текови во заемните политики и добрососедски односи, порача на денешната конференција претседателот на Собранието Талат Џафери по средбата со претседателот на Народното собрание на Бугарија, Росен Желјасков.

Џафери на конференцијата која се одржа во Собранието посочи дека на средбата било разговарано за парламентарната соработка, билатералните односи како и важноста од интегрирањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

-Во однос на парламентарната соработка разговаравме со претседателот Желјасков за преземање на конкретни чекори за соработка помеѓу двата законодавни дома на сите нивоа со теми од заемен интерес, но се разбира со фокус на нашиот приоритетен интерес, а тоа е соработката во однос на европските прашања. Ја истакнав важноста на европската перспектива на РС Македонија како впрочем и за државите во Западен Балкан. Интегрирањето во ЕУ е од врвно значење особено имајќи ги предвид актуелните политичко безбедносни состојби во регионот и променетите геополитички околности.

Го информирав претседателот Желјасков дека во тек е завршувањето на фазата на скрининг на нашето законодавство, а во процес сме и на промена на Уставот за што ни е потребно обезбедување на двотретинско мнозинство, изјави Џафери.

Додаде дека во однос на билатералните односи  и двајцата биле согласни дека мора да се промовира позитивна реторика која може да придонесе за градење на меѓусебна доверба за да се постигнат резултати кои се конкретни и видливи за граѓаните.

-Во таа насока ја поздравувам воспоставената културна соработка меѓу двете водечки музејски установи од областа на археологијата во двете земји кои преку изложби и проекти го промовираат и зачувувањето на културното наследство, како и заедничките европски вредности. Токму таков настан е и свеченото отворање на изложбата „Сребрена Тракија“ во Археолошкиот музеј во Скопје.  Можностите за соработка се бројни, а ние како избрани и одговорни политичари мораме да се заложиме добрососедските односи да отсликуваат прави европски вредности кои ќе придонесат РСМ да стане што побрзо членка на ЕУ затоа што од тоа и Република Бугарија ќе има бенефит, оцени тој.

По изјавата тие ја отворија изложбата „Сребрена Тракија“ во Археолошкиот музеј.

Изложбата е организирана од Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија и беа претставени 1 700 експонати од 18 бугарски национални, регионални и општински музеи.

Фото: МИА