Поранешниот премиер Никола Груевски, кому Собранието му ја прифати поднесената оставка пред две недели, и пратеникот Павле Богоевски кој исто така поднесе оставка на функцијата до Собранието не поднеле барање за апанажа, информира собранискиот спикер Талат Џафери на денешната средба со новинарите.
Груевски, кој е осуден за набавка на блиндираниот мерцедес, побара политички азил во Унгарија. Оставката ја поднесе од Унгарија кога во Собранието беше поднесено барање за одземање на неговиот мандат.
Пратеникот Богоевски, пак, поднесе оставка по објавената аудио снимка, за набавка на нелегална супстанца, за која тој рече дека станува збор за масло од канабис, а во јавноста дека станува збор за кокаин.
Поранешните пратеници Груевски и Богоевски имаат рок од 30 дена да поднесат барање за апанажа, која би им се исплаќала во рок од една година по престанок на мандатот.