Можно е за уставните измени кога ќе дојдат на пленарна седница да се исцрпи расправата, но да се одложи гласањето додека не се обезбеди потребното мнозинство од 80 гласа.

Ова како можност го најави претседателот на Собранието Талат Џафери на денешниот брифинг со новинарите, објави ТВ 21.

Според Џафери, се зависи од моменталната состојба.

– Се зависи од моменталната состојба односно дали ќе има обезбедено 2/3 мнозинство. Ова не е ништо ново бидејќи имало вакви случаи и за закони, додаде Џафери.

За 18 август е закажана пленарната седница за уставните измени, која треба да трае 10 работни дена .

– Чинот на гласање не е врзан за последниот ден, така е според деловникот изјави спикерот Џафери на брифинг со новинарите, објави ТВ Канал 5.

Тоа, додаде Џафери, го предвидува Деловникот, а го покажува и праксата претходно од слични иницијативи за уставни измени, затоа што Собранието одлучува доколку го има потребно мнозинство за одлучување.

-Во тие рамки, не можам да претпоставам што и како ќе се случува, но формално Собранието ќе почне со расправа на 18 август, а чинот на гласање дали ќе биде по завршување на расправата или ќе биде одложено, зависи од конкретната состојба на деновите во кои тече расправата, рече Џафери.

Редовната координација закажана за понеделник нема да биде за уставните измени, вели Џафери, и додаде дека ќе се договори со координаторите на пратеничките групи да одржат состанок пред почетокот на седницата за уставните измени, иако формално пратениците ќе бидат на одмор од 1 август.

– Ќе определиме термин кога би се виделе на ниво на коориднатори пред почетокот на седницата на 18 август, значи нема да ја оставиме состојбата ’ад-хок’. Без оглед дали ќе биде низ коориднација или телефонски, во секој случај, ќе се работи на организациски работи за ангажманот и ангажирањето на Собранието во наредниот период, рече Џафери.

Процедурата за уставни измени почна изминатите денови, откако собраниската Комисија за уставни прашања со 10 гласа „за“ и 7 „против“ го поддржа предлгогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот.

Иако дебатата пред собраниската Комисија можеше да трае 10 дена, таа заврши за околу два часа, откако од името на пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, координаторот Никола Мицевски го повтори ставот дека нема да поддржат уставни измени. Ниеден друг пратеник од ВМРО-ДПМНЕ не се вклучи во расправата на комисиската седница.

За комплетирање на првата од вкупно три фази на процедурата за уставни измени, за предлогот за пристапување кон измена на Уставот да помине на пленарната седница која ќе почне на 18 август, потребна е двотретинска поддршка (најмалку 80 гласа). Ако се случи тоа, процедурата ќе продолжи со следната фаза – подготовка и усвојување на нацрт-амандмани. Тогаш се доволни и 61 глас. Двотретинска поддршка повторно е потребна при третото гласање (фаза) – за предлог-амандманите.