Талат Џафери, претседателот на Собранието на Македонија го отфрли предлогот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ за распуштање на парламентот. Пратениците на ВМРО ДПМНЕ најверојатно од утре нема да учествуваат во работата на парламентот. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски вели дека не гледа причина за учество во работата на Собранието, оти власта отстапила од веќе договореното – Законодавниот дом да биде распуштен денеска.
Јас навистина не ја гледав веќе потребата од уччество на ВМРО – ДПМНЕ во работата на парламентот. Во текот на денешниот ден ќе имаме извршен комитет, ќе разговараме на оваа тема и ќе биде јавноста информирана за следните чекори на ВМРО – ДПМНЕ, изјави Мицкоски.
Предлогот за распуштање на Собранието на 12 април беше доставен од страна на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ. Оттаму и денеска побараа предлогот итно да биде ставен на дневен ред.
Одлуката беше поднесена поради се поочигледните обиди на СДСМ да проба да избега од договорените избори, иако сите услови за одржување на предвремени парламентарни избори се исполнети, рече Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ.
Од кабинетот на Џафери пак без конкретен одговор зошто иницијативата не била прифатена.
Неофицијално, иницијативата на ВМРО – ДПМНЕ за распуштање на Собранието на 12 февруари, била отфрлена оти предлогот бил доставен со старото име на државата, што според надлежните било неуставно.