Собранискиот спикер Талат Џафери, информира дека ја добил и ја разгледал иницијативата од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, а која се однесува на барањето за доброволно тестирање на пратениците во Собранието од наркотици, соопштија од Кабинетот на Џафери.
-Ве информираме дека во Законот за пратеници, во Деловникот за работа на Собранието и во Уставот, нема правен основ според кој претседателот и Собранието би можеле да ја реализираат иницијативата на Независната пратеничка група. Условите за кандидирање, за избор и за работа на пратениците во Собранието се јасно дефинирани и оттука, Претседателот на Собранието не може и не смее да постапува надвор од своите законски овластувања, стои во соопштението.
Според Законот за безбедност и здравје при работа, член 22, став 1, работодавачот мора да обезбеди здравствени прегледи за вработените најмалку на секои 24 месеци. Пратениците и вработените во Собранието, како и сите вработени лица во државата, се посочува, одат на редовни годишни систематски прегледи, кои се потврда за нивната здравствена состојба. Последниот се реализирал во 2017 година, а следниот редовен систематски преглед ќе се спроведе во текот на годинава.
-Дополнително, не се точни тврдењата на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски дека претседателот на Собранието може и без формално покрената иницијатива, да утврди одговорност на пратеник. Согласно Кодексот за етичко однесување на пратениците, член 15, претседателот на Собранието нема надлежност во постапката за утврдување на сторени лесни и тешки повреди и изрекување на мерки за пратениците, се наведува во соопштението од Кабинетот на Џафери.