Собранискиот спикер Талат Џафери во синоќешното дебатна емисија на ТВ21 „Клик плус“ рече дека на собраниската седница кога беше изгласано укинување на пратеничката плата на Никола Груевски гласал воздржано оти сметал дека не биле во целост почитувани законските процедури.
Џафери смета дека доколку Груевски ангажира адвокат, во врска со донесената одлука за укинување на неговата пратеничка плата, не само што може да го добие спорот и да си ги врати парите од платата, туку дека може да ги добие и со камата.
Поранешниот премиер и пратеник Никола Груевски, како што е веќе познато, од крајот на минатата година се наоѓа во Будимпешта во Унгарија каде доби политички азил поради политички прогон во Република Македонија.
Груевски, кој беше осуден на затворска казна поради набавката на блиндираниот „мерцедес“, кој актуелната власт сега го користи, како што изјави во неодамнешното интервју за ТВ Сител, бил подготвен да оди во затвор, иако смета дека казната е нарачана и политичка. Но, се откажал од таа идеја бидејќи добил најава дека во затвор ќе биде ликвидиран. Па, како што рече во интервјуто, во последен момент ја променил одлуката и решил да замине од Република Македонија.