Мора да се води сметка за тенката линија меѓу зајакнувањето на безбедноста, а во исто време опасноста од навлегување во основните слободи и правото на приватност, а со користењето на дигиталната технологија и собраните податоци, таквиот ризик е постоен и реален.
Ова денеска го порача претседателот на Собранието Талат Џафери на Парламентарниот дијалог за управување и надзор на разузнавањето во организација на ДКАФ (Центар за демократска контрола над вооружените сили – DCAF).
Како што информираа од собраниската прес-служба, се работи за дводневен парламентарен дијалог и експертска размена на која партениците од албанскиот и косовскиот парламент заедно со колегите од Собранието на Република Македонија ќе дискутираат за управувањето и надзорот врз разузнавањето на Западен Балкан.
-Таа веројатност е секојдневно поголема, имајќи ја предвид еволуцијата на новите технологии за дигитален надзор, а од друга страна останувањето на истите, традиционални механизми на отчетност ја спречува или намалува ефикасноста на телата за надзор над работата на разузнавањето со што се става на испит демократскиот легитимитет и капацитет на разузнавачките и безбедносните агенции, а истовремено се поткопува довербата на граѓаните, на деловните субјекти и јавите власти во генерално политиката, наведе Џафери.
Тој рече дека соработката на Собранието со ДКАФ е динамична и плодна и информира дека на 19-ти ноември е планирано потпишување на уште еден меморандум за соработка и договор за разбирање. Тоа е, како што рече, потврда дека сме си потребни едни на други и дека заедно сме на добар пат кон реализација на проектот „Развој на парламентарен и независен надзор“. Според него, потреба е и неопходност за да бидеме рамо до рамо со нашите партнери во НАТО сојузот, пред се, за безбедноста на нашите граѓани и институции.
Џафери потсети дека во декември 2019 година беше донесен Законот за класифицирани информации, кој што, како што кажа, е прилагоден на стандардите на Европската унија и НАТО и со кој се наметнуваат одредени законски норми и стандарди на Собранието, како и впрочем на сите институции што располагаат со класифицирани информации. Односно, појасни, да преземат мерки и активности за административна, физичка и индустриска безбедност, безбедност на комуникациско – информациските системи, како и безбедност на лицата – корисници на класифицирани информации. Веруваме дека со него се обезбедува зголемено ниво на отчетност од страна на создавачите на класифицираните информации и се осигурува демократското владеење и надзор, рече Џафери.
Според него, голем удел во подобрувањето на работата на разузнавачките служби има прецизирањето на надлежностите и секоја надзорна комисија да го знае и сфати тој процес на распределување на задачи и очекуваните резултати од тие процеси.
ДКАФ, како што рече, е посветен на тоа државите и луѓето да бидат побезбедни во рамки на демократското владеење, владеење на законот и почитувањето на човековите права. Џафери изрази задоволство што се во партнерство со ДКАФ во спроведувањето на реформите во овој сектор.
На денешната конференција ќе се дебатира за регулирањето на класифицирањето на информациите и нивната заштита, за безбедносните мерки и проверки и дали пратениците што се членови на соодветните надзорни комисии треба да подлежат на таквите проверки за да им биде овозможен пристап до доверливите информации.