На Централниот одбор имаше и критички тонови кон политиките на премиорот  во оставка, Зоран Заев во однос на резултатите од локалните избори, но ЦО побара од претседателот на СДСМ да остане на функцијата поради кризите со кои се соочува нашата земја, вели претседавачот на ЦО на Социјалдемократскиот сојуз, Перо Костадинов.

– Одлуката на претседателот  Заев е негова лична одлука и сите ја почитуваме. Тоа е одлука која прв пат се случува кај нас од функција на власт. Сите оставки што се случуваа преходно беа од функција на опозиција, така што тоа беше голем чин, но имајќи ги предвид состојбите беше побарано да се почека тие да се нормализираат и да пробаме сите заедно да се вклучиме во тие процеси, изјави  во гостувањето во „Утрински брифинг“ во врска со вчерашните седници на Извршниот и на Централниот одбор на СДСМ.

Костадинов, кој е актуелен градоначалник на Валандово, нагласи дека не треба да заборавиме како живеевме пред четири години, потенцирајќи дека системот сега е различен, а демократијата и демократските процеси се издигната на повисоко ниво.

– Процесите што значат Европа се започнати, Македонија е членка на НАТО, после 20 години спроведен е пописот, така што многу од процесите течат во вистинска насока. Секако дека имаше грешки. Пораката е примена. Испратени се вчера пораки за обединување, партијата дополнително ќе се отвара и ќе се реорганизира. Се надевам дека ќе го задржиме овој пат и дека нема да се повторат процеси на убиство на духот, пред сѐ кај младите, вели Костадинов

Тој потести дека според Статутот на СДСМ, кога претседателот дава оставка и целото раководство е во оставка, но нагласи дека со вчерашната одлука на ЦО, оставките се замрзнати и партијата останува функционална.

– Не се битни функциите, битни се идеалите. Сите се максимално растоварени од функциите, тие не се битни, вели Костадинов.

Запрашан во врска со оценките дека по доаѓањето на Заев на чело на партијата на одговорни позиции има „премногу млади луѓе кои немаат искуство за справување со вакви големи кризи и оти следува компликуван период за СДСМ со можност да падне од власт“, Костадинов вели дека останува да се следат процесите, но е убеден дека државата ќе продолжи да се движи по патот на демократијата.

– Процесите се различни. Верувам дека пратениците ќе го препознаат демократскиот пат. Новото мнозинство за кое што се зборува можеби на краток рок ќе постигне нешто, но на долг рок тоа ќе нанесе штета и на нив лично и на државата, што е најбитно. Останува да се следат состојбите, но оптимист сум дека државата нема да го напушти демократскиот пат по кој се движи и дека нема да биде вратена во некои ретроградни процеси, потенцира Костадинов.