Техничкиот премиер Талат Џафери вели дека е завршена приказната со Хашките случаи, прашање кое неодамна го покрена Советот на Европа.
Денеска на новинарско прашање за препораката од Советот на Европа за отповикување на Законот за амнестија од 2011 година и процесирање на четири Хашки случаи, Џафери кратко коментира:
-Веќе дадов одговор за тоа дека е завршена работа во контекст на она што е законодавство и состојбата во државата. Завршена е таа приказна, законите се донесени, изјави кратко Џафери.
Тој даде ваков одговор на прашањето од новинарите по посетата на Студентскиот дом во Тетово, придружуван од министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Неодамна комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, во писмо до македонската влада, побара да се поништи амнестијата за Хашките случаи и да се истражат досиејата кои што беа трансферирани од Хашкиот трибунал кон домашните судови.
Мијатовиќ наведува дека без цврсто осудување на злосторствата од минатото не може да се гради мирно демократско општество.
Продолжување на постапката за овие предмети, минатата недела побара и претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов
Станува збор за случаите „Водство на ОНА“, „Липковска брана“, „Гробница Непроштено“ и „Мавровски работници“. Со овие случаи е засегната владејачката ДУИ, од чии редови доаѓа и техничкиот премиер Талат Џафери, познат како командант Форина во редовите на ОНА во конфликтот од 2001 година.