Нов судир на поранешниот командант Форина од УЧК и актуелен технички премиер Талат Џафери и бранителот и актуелен директор на ЦУК и досегашен коалиционен партнер, Стојанче Ангелов.

– Доколку Стојанче Ангелов јавно најавил дека не стои зад владината програма, ќе започнам постапки и ќе донесам и соодветна одлука, вели техничкиот премиер Талат Џафери.

Ќе биде ли разрешен Ангелов од позицијата директор на ЦУК откако вчера соопшти дека неговата партија ја напушта коалицијата со СДСМ и ја отвора можноста за соработка со ВМРО-ДПМНЕ за изборите?- прашува ТВ 21 и објавува изјава на Џафери, кој вели дека утре ќе разговара со него и доколку е вистина, ќе го разреши.

– Доколку јавно најавил дека не е зад владината програма, од формален аспект секако дека како премиер ќе започнам одредени постапки во однос на кадровско решение, ќе донесам и соодветна одлука. Секако дека тоа што се вели на ТВ не е за започнување на постапка, но јас утре директно ќе разговарам со директорот и директно да ми каже. Сметам дека ќе заврши со разрешување, нема друг начин, а за тоа дека сме во изборен период тоа треба да го реши друг орган, вели Џафери.

За претседателот на ДУИ, Али Ахмети, движењето на Ангелов е нормално, но не даде коментар во врска со неговото разрешување!

– Добро, сега е време за пазарење, изјави Али Ахмети.

Претседателот на Достоинство и директор на ЦУК, Стојанче Ангелов, преку неговиот профил на Фејсбук извести дека причина за напуштање на коалицијата се неисполнетите барања за надоместок за десетици бранители на Македонија во конфликтот од 2001 година.