Се извинувам ако моето невино мавтање навреди некого, се огласи на Твитер европратеникот Ангел Џамбаски по скандалот што вчера го предизвика во Европарламентот.
Бугарскиот европратеник Џамбаски, член партијата на Красимир Каракачнов, како што објавивме, предизвика скандал во Европскиот парламент во Брисел кога на излез од пленарната сала отпоздрави со „Хајл Хитлер“.
– Фактот што некој не се согласува со вас не значи дека е нацист. Се извинувам ако моето невино мавтање навреди некого, твитна денеска Џамбаски по вчерашниот скандал.
Претседателката на Европпарламентот Роберта Мецола рече дека фашистички поздрав во Европскиот парламент е недозволив, секогаш и секаде.
– Ова ме навредува мене и сите во Европа, рече Мецола.
Францускиот државен секретар за европски прашања, кој беше во пленарната сала на европарламентот во Стразбур, го нарече гестот на Џамбаски „скандалозен и шокантен“.
Џамбаски во македонската јавност е познат по антимакедонските ставови, негирањето на Македонците и Македонија, неговото видео во кое тврдеше дека „Охрид е бугарски“ итн.
Претходниот текст за овој настан може да го прочитате ТУКА.