Целта на Владата е Договорот од Преспа да помине со најмалку 151 глас, технички ова не е потребно, но мојата проценка е дека додека да дојде договорот, во следниот период ќе имаме време јавно да дискутираме за позицијата на секој поединечно, рече портпаролот на грчката Влада и министер без ресор на Грција, Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за грчката телевизија „Open“, јави дописничката на МИА од Атина.
Ѕанакопулос рече дека не може да одреди конкретен датум кога Договорот од Преспа ќе дојде во грчкиот Парламент, но потенцираше дека нема да задоцни.
-Треба да правиме по еден чекор. Денес се наоѓаме во фаза во која грчкиот Парламент расправа за гласање доверба, што ја побара премиерот. Штом заврши овој процес, премиерот ќе одлучи за конкретното време за доставување на договорот. Во овој момент не можам да одредам конкретен датум, но мојата проценка е дека нема да задоцни, рече Ѕанакопулос во утринското интервју.
За написите во грчките медиуми дека пратеничката група на Река, по заминувањето на Данелис, можеби ќе смени позиција или пак може да отсуствува од гласањето за ратификацијата, портпаролот на грчката Влада рече потсети дека токму Договорот од Преспа беше причината, Река да се повлече од коалицијата Движење на промена.
Во однос на денешното гласање доверба, тој објасни дека Владата не бара 151 глас само за да го заврши мандатот, туку и да заврши одредени политички иницијативи.