Минатата недела пријател од Скопје, поприлично загрижен и скоро без здив преку телефон ми рече:

„Колега, по се изгледа дека се е завршено, во Собранието се донесени амандманите за промена на Уставот со тоа треба да знаеш дека од денес сме Северна Македонија. Заев го знаеш каков е, постојано се смее и радува што ќе го промениме името и не знам што друго! Заев има речено“, продолжи пријателот, „додека садел краставици во Муртино му се јавил Севишниот и му рекол дека тој е единствениот кој ќе ја спаси државата! Со начинот како се однесува по се изгледа дека Заев погрешно го разбрал Севишниот, па наместо да ја средува државата тој ја разнебитува и откако е дојден на местото премиер каша-попара направи од Македонија. Колега, по се изгледа дека на Заев некој му има понудено нешто кое тој не можел или не сакал да го одбие, поинако не можам да го објаснам неговото однесување и на тие околу него кои ми наликуват на политички слепци. По гласањето, во државата владее едно сивило една неподнослива мачнина, сакам да ти кажам дека сега останува Грците да не спасуват, Каменос поднесе оставка од коалицијата со Ципрас. Поздрав колега.“

По телефонскиот разговор со пријателот се запрашав кој и зошто би му понудил на Заев нешто што тој не можел или не сакал да го одбие? Заев како бизнисмен сигурно лежи врз солидна финансиска подлога, не верувам дека некој му понудил таква работа, а и да му било понудено Заев сигурно би ја одбил. Сепак останува чудно и мистично налудничавото однесување на Заев кога не почитува референдум, „фучка“ на одредби и закони и така лесно ги распродава и погребува историските и културните вредности на државата кои се создавани во крајно тешки и драматични услови!

Чудно е и тоа што по секој ,,успех“ на Заев експресно добива пофалби од видни личности од ЕУ и разноразни други и поинакви! Еден умен човек има речено дека моќта е посакувана алатка за многу личности кои решиле да се занимаваат со политика. Можеби на Заев и на тие околу него им била понудено токму ,,моќта“, нешто што Заев не можел и не сакал да го одбие имајќи предвид дека моќта, посебно таа поддржана од надвор, дозволува спокојно владеење. Но моќ не се добива така лесно и без ништо да биде ветено. За да дојде на власт Заев сигурно ветил нешто што тие од надвор го прифатиле и оттука неговото хазардно однесување кон темелните вредности на државата.

Колегата во телефонскиот разговор спомена дека Заев и тие околу него наликуват на политички слепци убедени дека откако се стекнаа со власт и моќ, ќе можат лесно земјата да ја внесат во НАТО и ЕУ, нешто што веројатно им беше исто хазардно ветено од тие од надвор.

Сегашните состојби  во Унијата се такви какви што се, сложени и комплексни. Ако Заев и тие околу него не можат да видат дека во наредните не десет, туку триесет години Македонија нема да влезе во ЕУ, ако дотогаш таа и воопшто опстои, тогаш навистина се политички слепци. Во НАТО на некој начин веќе сме влезени, наши војници учествуват во многу мировни операции кои ги води оваа алијанса.

Во мај ќе се случат избори во ЕУ, Могерини и Хан ќе ги нема, веројатно и Бејли ќе биде недостапен, во таков случај на Заев ќе му остане да талка по европските крстопати да најде некој кој ќе му понуди нешто кое што тој не ќе може да го одбие или да понуди нешто што некој ќе го прифати, а притоа поголемиот дел од државните вредности хазардно ги поставил на маса за преговори.