Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс денеска изјави дека Иран го информирал Вашингтон дека не планира да воведува такса за поминување низ Ормуската теснина и дека ќе овозможи проток на нафта и гас од Персискиот Залив во обем кој постоел пред конфликтот, но нагласи дека САД ќе го проценуваат Техеран според постапките, а не според ветувањата.

„Нашето очекување е дека ќе видиме иста количина нафта и гас што излегува од Заливот како пред почетокот на конфликтот. Тоа е она што Иранците ни кажаа дека ќе го направат“, рече Венс во интервју за Фокс Њуз.

Тој наведе дека Иран и земјите од Заливот, особено Оман, разговараат за начини за обезбедување безбеден премин низ теснината, вклучително и отстранување на мини и обврска на Техеран дека нема да отвора оган врз комерцијални бродови.