Повеќе од 178.000 африкански имигранти ја напуштија Јужна Африка во последните месеци поради мерките на властите против нелегалната миграција и понекогаш насилните антиимиграциски протести.
Повеќе од 115.000 луѓе се вратија во соседна Зимбабве од крајот на мај, а повеќе од 56.000 се вратија во Малави. Според податоците од Нигерија, Гана, Мозамбик и Лесото, повеќе од 1.000 граѓани се вратија од Јужна Африка во секоја од овие земји. Вратените беа главно луѓе депортирани од Јужна Африка и други кои прифатија понуди за репатријација од Јужна Африка или нивните матични земји.
Јужна Африка оваа недела соопшти дека околу 19.000 луѓе биле официјално депортирани од април.
Групите за човекови права изразија загриженост поради ненадејното движење на луѓе, вклучувајќи илјадници деца кои се откажале од училиште и пациенти со ХИВ на кои им е прекинато лекувањето од кое им зависи животот.
Во Јужна Африка, повеќе групи одржаа серија протести против нелегалната миграција оваа година, кои кулминираа со национални демонстрации на 30 јуни. Групите што ги организираа протестите го прогласија тој датум како краен рок до кој нелегалните мигранти треба да ја напуштат земјата. Тие тврдат дека нелегалните мигранти придонесуваат за високата стапка на невработеност во Јужна Африка со тоа што зафаќаат работни места, а воедно ги оптоваруваат јавните услуги.
Со децении, Јужна Африка, како најбогата земја во регионот, привлекува милиони мигранти од други африкански земји да работат на фарми, ресторани, градежништво и други малку платени сектори.
МИА




