Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан остро го осуди Техеран за воведувањето санкции врз американските официјални лица и рече дека САД ќе одговорат на можен напад од Иран.

„Додека иранските милиции продолжуваат да ги напаѓаат американските трупи на Блискиот Исток, иранските власти се закануваат дека ќе извршат терористички операции во САД и во светот. Едно е сигурно: САД ќе ги заштитат своите граѓани“, рече Саливан. Тој додаде дека тоа вклучува заштита на граѓаните кои работат за американските служби, како и за оние кои се пензионирале од службата.

„Ние Американците имаме несогласувања за одредени политички прашања. Не се согласуваме и за политиката кон Иран. Но, ние сме обединети во одговорот на заканите и провокациите. Ние сме обединети да го браниме нашиот народ“, додаде Саливан.

Тој нагласи дека САД „ќе соработуваат со сојузниците и партнерите за да го елиминираат и одговорат на секој напад извршен од Иран“.

„Ако Иран нападне некој од нашите граѓани, вклучително и 52 лица кои беа санкционирани во саботата, Техеран ќе се соочи со сериозни последици“, рече тој.