Кинескиот претседател Ши Џинпинг повика на соработка со САД во изјавата објавена од кинеската новинска агенција „Синхуа“ по неговото пристигнување во Вашингтон.
Ши беше пречекан од американскиот претседател Доналд Трамп по слетувањето на воената воздухопловна база „Ендрјус“. Неговата сопруга, Пенг Лијуан, лично беше пречекана од првата дама на САД, Меланија Трамп.
Ши е во тридневна посета на САД на покана на Трамп, а за денеска е предвидена официјална средба на двајцата претседатели во Белата куќа.
„Нашите две земји треба да бидат партнери, а не ривали“, порача кинескиот лидер додавајќи дека „кинескиот и американскиот народ долго време одржуваат пријателски контакти, а нивните интереси се тесно преплетени“.
Ши посочил дека слоганите „големото обновување на кинеската нација“ и „Да ја направиме Америка повторно голема“ може да одат рака под рака, да се надополнуваат и да му користат на светот.
Кинескиот претседател уште изјавил дека со нетрпение очекува да разговара со луѓе од разни сфери на животот во САД, со цел да го продлабочи пријателството.




