Соединетите Американски Држави би требало да покажат „исклучителна претпазливост“ кога станува збор за продажбата на оружје на кинескиот регион Тајван, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за одбрана Џијанг Бин.

Џијанг во пресрет на самитот на американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Ши Џинпинг во Вашингтон рече дека воените односи меѓу САД и Кина би требало да останат стабилни, здрави и одржливи, истакнувајќи дека прашањето за кинескиот регион Тајван е „најважното прашање“ во односите меѓу двете земји, а зачувувањето на мирот и стабилноста во Тајванскиот Теснец нивниот најважен заеднички интерес.

– Се надеваме дека американската страна ќе му пристапи на прашањето за Тајван со исклучителна претпазливост – рече тој на прес-конференција.

Администрацијата на Трамп во декември одобри пакет-оружје за Тајван вреден 11 милијарди долари, најголем досега, додека друг пакет, вреден околу 14 милијарди долари, со месеци е на чекање.

Според извори запознаени со ситуацијата, се очекува Ши за време на посетата на Вашингтон да побара од Трамп целосно да ја прекине продажбата на оружје за регионот.

Трамп по средбата со Ши во Пекинг во мај рече дека го одложува вториот пакет и го опиша како „многу добар преговарачки адут“.

Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера, зборувајќи за продажбата на оружје на Тајван, рече дека администрацијата мора да ги земе предвид пошироките потреби.