Претседателот на САД, Џо Бајден кажа дека Владимир Путин направил голема грешка што го суспендирал учеството на Русија во последниот преостанат договор за намалување на стратешкото нуклеарно вооружување со САД, попознат како „Нов старт“.
Се очекува овој потег да има непосредно влијание врз увидот на САД во руските нуклеарни активности.
– Тоа е голема грешка, рече Бајден.
Неговите коментари уследија на крајот на тридневната посета на Полска и Украина, при што се сретна и со лидерите од групата Букурешт 9, што ја сочинуваат државите од источното крило на НАТО, создадена како одговор на руската анексија на Крим во 2014. Многумина стравуваат дека Путин би можел да преземе воена акција против некоја од овие држави ако биде успешен во Украина.
– Б9 е првата линија на колективната одбрана на НАТО, но и на слободата и демократиите во Европа и светот. Американската посветеност кон НАТО е света. Апсолутно е јасно дека САД ќе го бранат секој сантиметар од НАТО, рече Бајден.
Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, кажа дека посетата на Бајден на Киев испратила јасна порака дека САД се силно посветени кон безбедноста на Европа.
– Путин не се подготвува за мир, туку за уште војна. Не смее да се дозволи Путин да се поигрува со безбедноста на Европа, порача Столтенберг.