Американскиот претседател Џо Бајден го нарече пукањето во училиште во Нешвил „одвратно“, велејќи дека насилството со огнено оружје ја „кине душата“ на САД.
– Тоа е одвратно. Тоа ја кине душата на нашата нација, рече тој, ја пофали брзата акција на полицијата и повторно го повика Конгресот да го забрани автоматското оружје.
Бајден не одржа посебен говор за случајот, но го спомна на почетокот на конференцијата за женско претприемништво во Белата куќа.
– Повторно дојде време да направиме поголем напредок во регулирањето на огненото оружје, истакна Бајден, а потоа продолжи порасположено со пофалби за отворање на бизниси и жените претприемачи.
Американските медиуми коментираат дека неговите повици за забрана на автоматското оружје имаат мали шанси за реализација бидејќи републиканците, кои го контролираат Претставничкиот дом, се жестоко против, а моќното лоби за оружје НРА води жестока кампања против таквата одлука.
САД ги забранија автоматските пушки од 1994 до 2004 година.
„Њујорк тајмс“ вчера информира дека тешко вооружена жена убила шест лица, вклучувајќи три деца. Таа потоа била убиена од полицијата. Тоа го потврди полицијата на Метро Нешвил во објава на Твитер. Пукањето се случило во училиштето Ковенант.