Поранешниот американски претседател Џо Бајден во своето прво интервју откако ја напушти Белата куќа изјави дека притисокот на неговиот наследник Доналд Трамп врз Украина да ѝ предаде територија на Русија е форма на модерно попуштање кое никогаш нема да ја задоволи Москва.

Во интервју за Би-Би-Си објавено денеска, Бајден рече дека рускиот претседател Владимир Путин верува дека Украина е дел од „мајка Русија“ и дека секој што мисли „дека тој ќе престане е едноставно наивен“.

„Едноставно не разбирам како луѓето мислат дека ако дозволиме диктатор, насилник, да одлучи да земе значителни делови од територијата што не е негова, дека тоа ќе го задоволи“, рече демократот.

Тој изрази загриженост дека Европа ќе „изгуби доверба“ во доследноста и лидерството на Америка.

Европските лидери сега „прашуваат што да прават“, односно „можат ли да се потпрат на САД“, рече 82-годишниот поранешен претседател кого Трамп го спомена најмалку 600 пати откако ја презеде функцијата, обвинувајќи го за лошата состојба на економијата.

Во интервју за Би-Би-Си, Бајден го критикуваше начинот на комуницирање на Трамп и објавувањето дека ќе ги преземе Панама и Гренланд и дека Канада мора да стане 51-ва федерална држава на САД.

Фото: ЕПА