По вчерашниот сериозен конфликт со руската армија крај брегот на Крим, британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека воениот брод на британската морнарица легално пловел во меѓународните води.
-Мислам дека беше сосема соодветно што се користат меѓународните води, изјави Џонсон, пренесен од британските медиуми.
Според него, „важно е дека нема да ја признаеме руската анексија на Крим“.
Руското Министерство за одбрана вчера соопшти дека британски разурнувач влегол три километри во руските територијални води од Црно море, а бродовите за контрола на границата на Русија испукале предупредувачки истрели за да го спречат нарушувањето на руската граница. Притоа и руски воен авион СУ-24 испукал предупредувачки истрел кон правецот на движење на британскиот разурнувач.