Над 400 илјади граѓани во Македонија нарачале или купиле производи преку интернет, а најмногу се купува облека и спортска опрема.
Спроведената анкета на Државниот завод за статистика во првото тримесечје од годинава во која испитаниците се изјасниле за направените онлајн нарачки во последните 12 месеци покажува пораст на интернет продажбата за 62 проценти.
Така, годинава преку интернет купувале околу 31,6 проценти од интернет корисниците за разлика од лани кога онлајн нарачки направиле 19,5 проценти.
Облеката и спортската опрема и понатаму се работите кои најмногу ги купуваат Македонците преку интернет, иако во споредба со минатата година ги купувале помалку овие работи. На сметка на тоа повеќе се купувале производи за домаќинство, храна и друго.
Од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија кои преку соопштение денеска информираа за најновите состојби во е-трговијата повикувајќи се на анкетата на Државниот завод за статистика велат дека она што е значајно е дека има пораст на онјалн купувањето од домашните е-трговци.
– Ако во минатото доминантната онлајн трговија била кај продавачите од другиот дел на светот, најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека Македонците доминантно онјалн тргувале од домашните е-трговци што е особено за поздравување, се вели во соопштението од Асоцијацијата за е-трговија.