Претставници на земјите членки на ОПЕК соопштија дека идната година понудата ќе биде поголема од побарувачката и побараа воспоставување нова стратегија врз основа на нивото на производство.

Претставниците на членките на ОПЕК се состанаа вчера во Абу Даби за да разговараат за „наглиот“ пад на цената на нафтата.

Саудискиот министер за енергетика Халид ал Фалих рече дека Ријад ќе го намали производството на нафта за 500.000 барели дневно. Тој пред состанокот изјави дека нема консензус меѓу производителите за намалување на производството.

Русија најави дека ќе го почитува новиот договор меѓу производителите за намалување на производството.

Цената на суровата нафта „брент“ од Северното Море падна под 70 долари, што се случува првпат од април годинава, додека цената на светлата сурова нафта падна под 60 долари за барел, што претставува најниска цена во изминатите девет месеци.