Илјадници Македонци и силно полициско обезбедување е моменталната слика пред Собранието на Република Македонија каде под мотото „Никогаш Северна, секогаш Македонија“ се одржува протест против капитулантскиот договор што е потпишан со Грција минатата недела. Организатор на масовниот, мирен и достоинствен протест е група граѓани „Млади за Македонија“.
Учесниците на протестот носат транспаренти „Никогаш Северна, секогаш Македонија“ и повикуваат да се зачува уставното име. Се пеат патриотски песни, а забележливо е голем одѕив на млади Македонци.
Спроти почетокот на протестот групата на нивниот Фејсбук страница објавија порака со која апелираат на воздржување од насилство и напади врз полицијата.
– По никоја цена не смее да се дозволи напади на полицијата, а ние се оградуваме од секаков вид насилство. Ве повикуваме сите вие да се воздржите од насилство и да превенирате насилство. Ние се оградуваме од секој вид насилство, говор на омраза или недолично однесување, стои на пораката.
Млади за Македонија се изјаснуваат за студенти од сите политички спектруми обединети со една цел – одбрана на името на татковината Македонија.
По два часа мирен и достоинствен протест, заврши сенародниот собир. Учесниците на протестот повикаа за одбрана на уставното име на Македонија.
– Ќе се бориме со сите демократски средства за поништување на срамниот Договор. Излегуваме да го заштитиме името, идентитетот и државата Република Македонија, истакнаа организаторите на протестот.
Тие најавија кривични пријави за директорот на Бирото за јавна безбедност и за министерот за внатрешни работи.
– Бараме од пратениците да употребат институционални и вонинституционални мерки за отворање дебата за нерационалното решение што ни се наметнува. Ги повикуваме и граѓаните да спречат понатамошно кршење на Уставот и сме против двосмислено референдумско прашање за името, беше нагласено на протестот, на кој имаше видеобраќање од хрватската европратеничка Маријана Петир и Америкнецот Џејсон Мико, со поддршка да се истрае во зачувувањето на уставното име, идентитетот и достоинството на македонскиот народ.
Од протестот беше упатена порака и до медиумите да известуваат непристрасно од протестите.