САД и Австралија денеска ја повикаа јапонската војска да распореди сили во Австралија на ротациона основа, обврзувајќи се на единство во контекст на воените планови на Кина.

– Навистина е важно да го направиме ова за да воспоставиме рамнотежа во нашиот регион, поканувајќи учество на други земји во регионот и со нетрпение очекуваме идни разговори со Јапонија, им рече на новинарите австралискиот министер за одбрана Ричард Марлс.

– Кон крајот на седмицата патуваме за Јапонија и ќе ја поканиме повеќе да учествува во вежбите со Австралија и со САД, додаде Марлс на прес-конференцијата што ја одржаа австралиските и американски министри за одбрана и за надворешни работи по разговорите во Вашингтон.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин додаде дека сојузниците сакаат Јапонија да учествува во заедничките операции со Австралија, каде што САД распоредуваат околу 2.000 маринци во Дарвин (север) од 2012 година, кои се ротираат на секои шест месеци.

Австралиските министри за одбрана и за надворешни работи, исто така, изјавија за новинарите дека во Вашингтон се договориле за зајакнување на воената соработка со САД.

Шефот на Пентагон додаде дека САД и Австралија се договориле за зголемена ротација на бомбардери, ловци и војници на американската армија и морнарица.

– Решивме да ја унапредиме трилатералната одбранбена соработка и да ја поканиме Јапонија да се приклучи на нашите одбранбени иницијативи во Австралија, рече тој.

Јапонија од неодамна сака да ја зголеми соработката со Австралија, но воената соработка е чувствително прашање поради официјалниот пацифизам на Токио по Втората светска војна.