Шилегов е најбогат градоначалник на најсиромашниот главен град на Балканот, кој наместо програма нуди закани и говор на омраза, се истакнува во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
-Петре Шилегов во текот на својот мандат се стекна со луксузна хациенда во Маврово и ја реновираше неговата луксузна куќа во Карпош. Како Петре Шилегов со плата од околу 1.000 евра месечно направи луксузна вила во Маврово која во неговиот анкетен лист пишал дека вреди 55.000 евра. За 4 години Шилегов од плата, без да ја троши за било што може да собере 48.000 евра, пари кои нема да му стигнат ниту за правење на луксузната вила, а за реновирање на луксузната куќа во Карпош воопшто не станува збор, а притоа Шилегов да не купувал храна, пијалоци, да не плаќал сметки, регистрации на возила, да не ставал гориво од свои пари итн. Дали и како Шилегов успеал да собере пари повеќе отколку што заработува? Од каде му е остатокот?- прашува опозициската партија.
Во реакцијата се посочува имотната состојба на Шилегов и што од тоа пријавил:
-Петре Шилегов со пријавен имот од над 1.300.000 евра, со 4 стана, трокатна луксузна приватна зграда, неверојатнo луксузна вила на Маврово, непријавени луксузни автомобили вредни околу 100.000 евра, е побогат од градоначалникот на Белград, но и од поранешниот градоначалник на Загреб Милан Бандиќ, со речиси 20 години градоначалничка функција кој што неодамна го напушти овој свет. Скопје е далеку зад Загреб и Белград, по големина, број на жители, инфраструктура, по развој, хигиена, и одржување, но затоа пак Скопје е далеку пред нив по луксузот и личното богатство на Петре Шилегов. Време е за одговорност, се додава во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ остро реагира на заканите и говорот на омраза од актуелниот градоначалник на Скопје.
– Закани и говор на омраза наместо програма е понудата на Шилегов. Шилегов е во паника и страв од поразот кој ќе му се случи на 17 октомври и затоа ги пушта своите пајташи на директорот на зоолошката градина Галетановски со навреди и говор на омраза да ја напаѓаат Данела Арсовска. Целиот говор на омраза и мизогинија на луѓето околу Шилегов е негов производ. Шилегов е нервозен и во паника, затоа што знае дека губи. Шилегов нема ниту еден проект. Тој вети и не направи продолжување на булевар Илинден и тунел под Кале. Шилегов нема ниту 20 отсто реализација на програмата. Скопјани имаат јасен избор. Данела Арсовска, успешен менаџер и докажан професионалец е иднината. Шилегов е минатото. Време е за промени, се вели во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
Шилегов во неговите објави на социјалните мрежи постојано нуди „една поинаква приказна за Скопје“. Но, едно е виртуелната реалност на Шилегов на интернет, а сосема поинаква во реалноста, од таа што сака да ја прикаже како „успешен градоначалник“.