Едно лице загина, а најмалку 157 се повредени откако денеска авион при слетувањето на истанбулскиот аеродром „Сабиха Гокчен“ ја промаши пистата, се урна во поле и се распадна на три дела.
Турскиот министер за транспорт Мехмет Чахит Турхан изјави дека најголемиот дел од патниците можеле самостојно да го напуштат авионот, додека на останатите им помогнале спасувачките тимови.
Турската телевизија НТВ извести дека авионот се запалил, но пожарот веднаш бил изгаснат. Истата телевизија информира дека авионот припаѓа на компанијата Пегасус ерлајнс и пристигнал од Измир.
Пегасус ја потврди несреќата, но не соопшти други детали.
Турското Министерство за сообраќај соопшти дека во авионот имало 177 патници и членови на екипаж. Министерството посочи дека до несреќата дошло поради „грубо слетување“.