Дарко ЈАНЕВСКИ
Таму некаде горе, на небесата, Гоце Делчев, во гаќички за капење се испружил на лежалка. Реј бан очила, крема за сончање со некој си фактор, до него мала масичка со коктел во црвена и жолта боја. Цедена калинка и одозгора, ставан капка по капка врз парчиња мраз, сок од портокал. И задолжително чадорче, забодено во парче лимон. Ги чеша мустаќите, а потоа витка цигара. Однекаде доаѓа свети Павле.
СВ. ПАВЛЕ: Гоце, како е? Што правиш? Да свиткаш една и за мене, ама да не ме види некој. Знаеш, во мое време вакви работи немаше.
ГОЦЕ: Убавини Павле. Само, ги гледам оние доле, носат роденденско цвеќе на мојот гроб. Мери им умот. Јас во Кукуш сум роден, не во црквата во Скопје. Кој го есапеше Скопје тогаш? Плус, гледам, ова не е ни Скопје. Шкупи било.
СВ ПАВЛЕ: Е, па, не можат во Кукуш. Плус, Кукуш не е Кукуш. Килкис е. А, оној твојот Кукуш и онака го нема. Го запалија Грците.
ГОЦЕ: Па, нели нивен е. Оти го палеле?
СВ: ПАВЛЕ: Грчка работа. Ем нивно, ем го горат. А, за Скопје, ти си рекол да те погребаат во „столицата на независна Македонија“. Што се буниш сега?
ГОЦЕ: Да, реков така. Ама, реков Македонија, не реков Северна. А не е ни независна. Плус, каква врска имам јас од Кукуш со Северна? Ако беше така, што имаше да се тепаме со султанот, со Грците, со врховистите? А, ти кога стапна во Македонија, во која беше? Северна, јужна, грчка, бугарска, македонска? И, што воопшто ти текна да доаѓаш, жити мене?
СВ. ПАВЛЕ: Ех, што ми текна. Ми се јави на сон некој ваш. Ми вели: „Дојди, помогни ни“. И јас, одам кај една баба, ја прашувам што значи сонот, ми вели „да одиш синко“. Па после мери ми умот, навистина отидов. Во Филипи. И Филипи денес го нема, како твојот Кукуш. И знаеш што бидна? Само што дојдов, ме затворија. Ме предал некој. Ај што ме затворија, туку и ќотек ми удрија. Па држи, не давај, ме пуштија некако. И оттогаш, Гоце, за вас важи тоа дека каде ве има тројца, барем еден е предавник. Ако не и двајца. А третиот – апаш. Ако може да ќари нешто, да не биде покусо од првите двајца. Тие земаат од странци за предавство, овој третиот краде од домашните. Да биде белјата поголема, сега името ми го носат такви што нарачуваат „полче“, се бојат со бои, фрлаат некои гуми… Чудо! За тоа ли ме викаа?
ГОЦЕ: Па добро Павле, а што не ме оставивте уште некоја година доле да го средам тоа? Знаеш, јас, Даме, Јане, Ќосето… Мораше да загинам?
СВ. ПАВЛЕ: Ќе те оставевме Гоце, ама ангелот задолжен за тебе, некој шарен бил Гоце, мавнал прво „полче“, па ја утнал годината. Море не годината, векот го утнал. Наместо во 1903-та, отишол во 2003-та. Наместо во Баница, отишол на плажа на Халидики. Сакал во Европска Унија да биде на море. Мај месец, топло. И знаеш како е во 2003-та, жени расоблечени по тоа песокта, очите му испаднале. И наместо да те тргне од куршумот, те оставил каде што си бил и тоа е, куршумот право во срце… Инаку, во книгата било пишано да останеш уште троа. Ама ете, се греши и тука на небото.
ГОЦЕ: И отиде работата, да не кажам каде…!
СВ. ПАВЛЕ: Е, отиде. Ама па, што ти фали овде. Види се, уживаш. Не оти и ти ќе ја оправеше ваша Македонија. Ех море Гоце, како ќе оправиш земја во која кој стигне те предава, кој стигне во црква на фреска ликот си го става, а писаталеите после оди им пишуваат. Еј, во црква, дал некоја пара, ликот си го ставил. Не Ќосето ваш, Нерон за таквите. Па после кај брат ми Петар да одат, па он мене да ми ги пушти. Во зејтин да ги варам малку. Оној зејтин што сиромавите го оставаат по црквите. Тие леб што немаат да јадат додека овие се капат во млеко од магаре. Дал пари, па го нацртале на ѕид од црква. На свето место. Оти „ти ќе бидеш карпата врз која ќе ја изградам мојата црква“, рече Господ. А, парите? Од татко му што бил чорбаџија, нели? Од нивата што копал. И пази, сите тие беа комунисти. Атеисти. Во Бога не верувале. За да можат да пљачкаат, директори да бидат, оти такво беше времето. Сега, кога се пљачка со верба во Бога, пак ете ги истите. А и овие твоиве вмровци. Богами, и тие ербап… И кога ќе видиш Гоце, само услуга ти направил ангелот. Ем погледал малку, додуше си го доби тој своето после, ем од бадијала трчање по планини те спаси.
ГОЦЕ: Е, да, па јас за таквите ти зборам. Не ќе беше лошо доле да ја завршев работата со тие. Плус ова со северна, со јужна… Тие мој Кукуш ќе му го давале на Грците. А тоа Бугарите, па, се силат за Шкупи и за Охрид, а за Кукуш и Солун ќутат како „котка фаната со рипченце в устата“.
СВ. ПАВЛЕ: Гоце, северна ли била, јужна ли била, тебе те знаат само Македонците и Бугарите. Толку. Мене ме има во Библијата, море човек! Половина свет чита дека прво сум стапнал во Европа, во Македонија. Дека ме затвориле. Та Елини, та Македонци, та Римјани. Крај не се наоѓа. На Господ апостол ви стапна на земја, еден светец ви дојде, а вие и него го затворивте… Па после тебе те предале. Е, не, ќе ти молчат. Гледаш доле, онаа жената таблата со Северна ја извадила, бандата платеничка веднаш се крена. Па и тој вашион вмровец со исушената рака се буни. Е, за него, би го молел шефот да те врати доле. И тебе и Ќосето. Ама, пак, не е само тој. Голема ви е листата Гоце. Нема да постигнете два века да ве оставам таму. Оној од Муртино, па онаа дајнерсот, па тоа милионерите… па оние вашине вмровци голтари што беа, како фабричка лента треба да бидете. Така што, остај, седи си тука, пиј си од сокот, виткај од тоа тутунот и уживај.
ГОЦЕ: Хе, хе, ама тебе мора Грчиштата да те предале…
СВ. ПАВЛЕ: Да, да, да бевте вие Македонците, демек веднаш камата ќе играла… Ама гледам нешто и од камите ви снемало. Сега плетила во рацете имате. Да знаеш, не дека ми требаат овде, ама ако плетете чорапи, бројот ми 43.
ГОЦЕ: Ех па ти, што се жалиш, ти самиот отиде кај Римјаните да ти ја исечат главата, па види ги, ништо не им фали.
СВ. ПАВЛЕ: Да, да, ништо. Затоа им пропадна царството, а сега ете ги цел живот со мафија се расправаат. Да не им е мафијата, ѓубрето не можат да си исчистат. Што мислиш, вас кој ви го праќа да го горите, да се труете? Ќе ви направат по една населба со луксузни станови и вие веднаш, не ѓубре, Чернобил на леб наместо путер ќе го мачкате. Жал ми само што и вас ве насамаривме со оној што ви го пратија, Белели шпионот, што ви го покриваше Муртинецот, ама, ај, научени сте. Од кај вас е вицот за кубурата што ја чувале селанецот за „не дај Боже“, нели?
ГОЦЕ: Е, од нас е. Ама, зошто и на Грците не им направивте така?
СВ. ПАВЛЕ: Тие плачат многу. Досадуваат. Плус, малку ли е? А кренат глава со некоја пара, ги враќаме назад. Пола држава во Германија им се исели. Еј, од море да бегаш, на север, на студено да одиш? Кај го има тоа, а?
ГОЦЕ: Е, па, кога нам не ни го оставивте морето…
СВ. ПАВЛЕ: Прво, вие се од некој друг барате. Сами нешто да направевте? А, второ, и да ви го оставевме, вие и морето ќе сакавте да го украдете. Како да ви го оставиме. Затоа, сега, ќе си земете плетивото в раце, и уште ако ви даде човек некое ќебапче и ракија, среќни сте. Толку ви фаќа. Ете сега ви го дадоа и она, како се вика, фејсбук, малку да се силите, демек комити сте биле, оние другине, комунистите, Европјани ќе биле, и доста ви е.
ГОЦЕ: Ај, анасана. Е, добро. Штом така велиш дека толку не бива. Туку легни малку и ти тука, земи коктел, пушти тоа очите наоколу да гледаат…
СВ. ПАВЛЕ: Да одморам малку? Можеби треба. Доле од се се откажав, ама кај стапнав трева не никна. Им пишав на Ефесјаните – ги снема. На Филипјаните – ги снема. На Римјаните – им отиде царството… На оние од Солун им пишав, ете ги Грци станаа. Како да ги снемало, исто. И пази, сега, да одиш доле да прашаш, ќе ти кажат дека на сите сум им пишал на грчки. Еј, ненормални луѓе… пу, пу, да не ме чуе Господ. Па, и на Евреите писмото сум им го пишал на грчки. Ами на Римјаните пак, што има да им пишувам на друг јазик. Јас римски граѓанин, пишувам до обичните луѓе во Рим, христијани да бидат, на оние што им сечеа глави, ги фрлаа на лавовите, што ги гореа живи… е, ним, сум им пишувал на грчки. Демек во Рим, леб немаш да јадеш, ама грчки си учел да читаш и пишуваш. Има еден, и тој научник бил вели, во мое време само три отсто од Евреите биле писмени, само три отсто знаеле да читаат и да пишуваат, Каифа и компанија, ама сите 100 отсто знаеле и зборувале грчки…! И затоа на грчки сум им пишувал. Тие по едно платно на себе имаа за облека и парче леб, ама моите писма на грчки ги разбирале. Ненормална работа! (шепоти) Не знам шефот што мисли, до кај ќе тераме вака.
ГОЦЕ: Се смее и ги витка мусктаќите Ех до каде? Еве до лежалкава. Ај пиј еден коктел и ти. Пушти си го срцето малку. Туку овде, ако нема болести, како се наздравува? „На здравје“ да кажеш, не вреди, нели?
СВ. ПАВЛЕ: Пиј и ќути, да не те вратиме доле. Ќе треба работа да бараш, член на партија да станеш, за 20 илјади да работиш, па кредити, чуда… Или рекет да маваш… Со судии апаши и обвинители бандити ортак прв да бидеш. Со премиер на телефон муабет да правиш. Се може, само не ја споменувај Македонија. Предавник ќе те сторат. Бизнис терај Гоце, бизнис. Е, до толку можам да ти се најдам. Да ти вратиме за грешката на ангелот.
ГОЦЕ: Велиш така? Не, не, слушај, јас знам мост во воздух да дигнам, бег да киднапирам, со кадии да се справам, султанот да го изиграм, пари за атенторите во Солун да дадам, ама со овие сега доле – јок.
СВ. ПАВЛЕ: Види, се што кажа, те прави совршен за да одиш назад. Уште да знаеш со нож по грб на луѓе да им резбаш, па на амбасадори да се упикуваш, влади ќе составуваш… Или, зошто да не станеш премиер, министер… Ако си за надворешни работи, државата децата ќе ти ги школува во странство, амбасадор ќе те направи, а ти трговија со нејзе ќе правиш, ако си за труд и социјална политика, за една година, оп милион лири в џепче. Ако си за струја, тоа е она наместо свеќи, знаеш, милионер ќе бидеш. Хотели, коцкарници, жени… За трговија со лекови, муабет да не правам. Е сега, ќе мораш да научиш лигав да бидеш, да лажеш. Ама па тоа е лесно. Само треба в очи човека да го гледаш. И што повеќе лажеш, повеќе ќе ти веруваат. Ти не пишуваш Библија, што ти е гајле! Ете твоиве вмровци имаа еден што во Собрание им велеше дека во Тетово воделе битка каква што не е видена од времето на Александар. Оној Александар што умрел четири века пред мене. Па фабрики ќе им враќал на луѓето. Е, тој ене го сега, седи по кафеани со пура, милиони си врти, од село во опинци дојде, на валцер почна да оди. Демек, мајка му кога го раѓала, Штраус свирел во селото. Или да те направиме банкар. Ќе си станеш газда, крај да не ти се гледа. А, не луѓе да киднапираш, аскер да те гони. Може и министер за одбрана, ти воено школо имаш, ама ова е Македонија, не си ти за тоа, не си до толку глуп. Ама, пак, како учител, можеш министер за образование да бидеш.
ГОЦЕ: Е како, кај овие доле сега диплома од факултет се барало…
СВ. ПАВЛЕ: Ќе ти купиме, не се секирај. Ич гајле да немаш. Сакаш од Тетово, од Приштина, од кај сакаш. Или можеш министер смрт да бидеш, на магаре во влада влезеш, со пајтон да излезеш..
ГОЦЕ: Пу, пу скраја да е… Ама па оти така велиш. И „шефот“ на магаре влезе во Ерусалим. Ама да, во право, си, тој со пајтон не излезе…
СВ. ПАВЛЕ: Е добро де, ако не сакаш министер, што велиш за градоналачник? За кмет. Во секоја зграда, стан ќе имаш. Добар ден комшија, секаде ќе ти велат. Е, сега, пред тебе „добар ден“, позади тебе „да цркнеш“ ќе велат, ама, па не бива се да имаш. Народ ќе те плука, ќе те колне, ќе вика по тебе,по децата, ама што има да му се мислиш. Ја ти го предал народот, ја тој тебе…
ГОЦЕ: Така ли е? А да останам овде? Ај нареди ја. И оди, види жити мене со Петар да не имаш некоја работа, ако не дај една табла да свртиме. Пиво, ракија, давате ли овде, ме отепаа ова соковиве.
СВ. ПАВЛЕ: Гоце, какво пиво, каква ракија, ти забораваш кај си?
ГОЦЕ: Ама за чирот бате Павле, за чирот мастика ти барам…
СВ. ПАВЛЕ: А, така ли? Е, ај ако е за чирот, и мене нешто ме прободува во желудникот…
Ама остај мастика, да ставиме по едно узо. Кога веќе удривме по грчки. Мозе?
ГОЦЕ: Мозе, мозе кир Павле. Во што ќе играме табла?
На тоа „во што ќе играме табла“, гром удира меѓу нив. Двајцата стануваат, збунети и уплашени, и си одат. „Е, и тука некој издава“, си вели Гоце. „Не издава никој“, му вели Павле. „Сега е модерно време. Прислушуваат. Една табла не може човек да сврти.“