Европската комисија денеска појасни дека се очекува сите земји членки на Европската Унија да учествуваат во новиот заем за Украина во вредност од 45 милијарди евра. Тоа не подразбира директен финансиски придонес од земјите членки, што значи дека нивните национални буџети нема да бидат засегнати.

Бугарија и Унгарија вчера најавија дека немаат намера да придонесат кон финансирањето на одбраната на Украина.

Портпаролот на ЕК посочи дека одлуката во однос на Бугарија не е политичка, туку техничка и е диктирана од постојната законска регулатива.

– По исполнувањето на критериумите, просторот за маневрирање е многу мал – истакна тој додавајќи дека процесот следува по утврдени процедури и објективни критериуми.

Тој наведе дека се очекува прашањето за новиот заем за Украина да биде разгледано на вонредниот состанок на Европскиот совет, што ќе се одржи во Брисел утре и задутре.

Според портпаролот, намерата на ЕК е заемот да се отплаќа преку каматата што ја генерираат руските замрзнати средства, а каматата за самиот заем ќе се исплаќа од европскиот буџет.

– На тој начин избегнуваме какво било директно фискално влијание врз буџетите на земјите членки на ЕУ – изјави портпаролот на ЕК.