Европската Комисија не одлучува за земјите дали треба да се прифатат назад повратниците-терористи од Сирија и од Ирак, изјави денеска портпаролката на ЕК, Наташа Берто.
– Дали странските борци и нивните семејства со ЕУ државјанство можат да се вратат назад е национална надлежноста на индивидуалните земји членки, рече Берто.
Од декември минатата година, земјите членки се обврзани да поднесат известување во рамките на СИС, системот за размена на информации во шенген зоната, за сите предмети поврзани со тероризам, а до крајот на оваа година, ќе бидат обврзани да го информираат и Европол, со цел подобра координација на европско ниво.
Меѓутоа, прифаќањето на повратниците од воените жаришта во Сирија и во Ирак не е одлука која се носи на ниво на Унијата. Министрите за надворешни работи во понеделникот имаа состанок на кој се разговарало за овие случаи, откако американскиот претседател Доналд Трамп побара од Европа да ги прими назад своите борци од Сирија.
Федерика Могерини порача дека ЕУ стои на располагање за подобра координација меѓу земјите, но дека одлуката е строго национална, бидејќи секоја држава познава различни процедури, и усогласување на европско ниво не е возможно.