Не се дише, Кавадарци се гуши, реагираа синоќа кавадарчани откако концентрацијата на ПМ 10 честичките ја достигна вредноста од 425 микрограми на кубен метар, девет пати повеќе од дозволеното.

– Треба да се преземат интервентни мерки, немаме прочитано или чуено некој да добил глоба. Препорачуваме забрана за градежни активности од поголем обем, миење на улиците два пати дневно, привремена забрана за транзит на тешки товарни возила низ градот, инспекциски служби постојано на терен, дежурен телефонски број за пријавување на забележани загадувачи. Тоа единствено можат сега, кога немало активно дејствување во минатото, велат активистите од групата „Еко-аларм“.

Јованче Колев, инспектор за животна средина во општината, вели дека интензивно се работи на откривање на загадувачите со мобилни редовни и вонредни контроли на терен.

– Имаме изречено неколку опомени, но и прекршочни казни. Загадувачи има и меѓу фирмите и меѓу граѓаните. Забележавме дека несовесни горат гума и  пластика на отворено, палат несоодветни средства на јавни површини, во грејни тела користат несоодветни горива што придонесуваат за зголемено загадување, како прегорено масло и остатоци од борови дрва и слично, нагласи Колев.

Вечерва, во 18 часот, „Еко-живот” во соработка со општина Кавадарци, градоначалникот Митко Јанчев и регионалната Стопанска комора, ќе одржи презентација на почеток на изработка на Локален еколошки акциски план,  кој е, како што велат екологистите, повеќе од потребен за Кавадарци.