Во изминатите десет дена, во рамки на акцијата за прогласување на депониите и ѓубриштата за автентично културно наследство, Центарот за современи уметности (ЦСУ) – Скопје посети над 200 депонии низ цела Македонија.
Според сознанијата до кои дојде Центарот, на територијата на државата има преку 300 диви депонии и речиси шест пати повеќе односно над 1500 диви селски буништа и ѓубришта.
Како најзагрозени и најбогати со депонии и ѓубришта од ЦСУ ги посочуваат Полошкиот регион, а зад него Скопскиот и Кумановскиот регион. Најубавите и најразвиените депонии што се истакнуваат со својата диверзитетност и богатство, а едновремено и најдобро го упропастуваа пејзажот ги обележаа со пригодни табли, односно ги прогласија за национално културно наследство.
– Интересен е факот дека најголемото ѓубриште е долго преку 30 км и се наоѓа по двата брега на течението на Вардар од Гостивар до Јегуновце каде практично куповите ѓубре, шут, стар мебел и отпад циклично се редат преку 30 км, а најголемата раздалечина без ѓубре на овој терен е неполн километар. Во рамките на оваа акција наменета за поддршка на иницијативите кои се борат за справување со ѓубрето и ѓубриштата со пригодни табли беа маркирани 30-тина ѓубришта и депонии во Скопскиот, Полошкиот, Кичевско-Охридско-Струшкиот и други региони низ Македонија, велат од Центарот.
Акцијата е дел од проектот „Креативни заедници на Центарот за современи уметности (ЦСУ) – Скопје, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.