Истрагата за мистериозната смрт на чехословачкиот министер за надворешни работи Јан Масарик пред 78 години влезе во нова фаза, откако полицијата започна ексхумација на неговите посмртни останки на гробиштата во Лани, во близина на Прага, јави ДПА.

Портпарол на полицијата соопшти дека посмртните останки на политичарот подоцна ќе бидат испитани со современи криминалистички методи. Целта е да се расветлат околностите околу неговата смрт и да се побијат различните теории што се појавија низ годините.

Масарик бил пронајден мртов на 10 март 1948 година во дворот на Министерството за надворешни работи во Чернинскиот дворец, под прозорецот на бањата на вториот кат од неговата официјална резиденција. Наводниот пад од прозорецот, што се случи во екот на Студената војна, и денес останува мистерија.

Масарик важел за либерален и прозападно ориентиран политичар, поради што некои историчари сметаат дека бил убиен од советски агенти. Други, пак, се сомневаат дека извршил самоубиство или дека станува збор за несреќен случај. Причина за повторното отворање на истрагата е откривањето нови документи во дипломатски архиви во Франција, САД и Велика Британија.

Смртта на Масарик е позната како „Трета прашка дефенестрација“, по историските инциденти во градот во 1419 и 1618 година, кога луѓе биле фрлани од прозорци — настани што го означуваат почетокот на Хуситските војни, односно на Триесетгодишната војна.

Масарик е роден на 14 септември 1886 година и бил син на основачот на државата и прв чехословачки претседател Томаш Масарик. Тој бил исклучително почитуван во јавноста и по комунистичкиот пуч во февруари 1948 година одбил да се повлече од функцијата министер за надворешни работи. Комунистичкото владеење заврши со Кадифената револуција во 1989 година, по што тогашна Чехословачка подоцна се раздели на две независни држави – Чешка и Словачка.