Пишува: Блаже Миневски

Според извештајот што се чува во Архивот на Министерството за надворешни работи на Република Србија, а потекнува од Архивот на соодветното министерство на поранешна федеративна Југославија, во периодот од јуни 1944 до март 1945 година трупите на генералот Наполеон Зервас, вршејќи најварварско масакрирање на населението во Северен Епир, убиле 2 760 лица а од своите огништа истерале повеќе од 20 000 Албанци.

Во документот, кој всушност е реферат на амбасадата на ФНР Југославија во Атина до Министерството за надворешни работи во Белград, стои дека „во Северен Епир, или Чемерија, како што ја нарекуваат Албанците, која се протега по брегот на Егејското море во длабочина од околу 40 километри, пред грчката окупација живееле 63 000  жители, од кои околу 40 000  биле Албанци-муслимани, 14 000 Албанци-христијани и околу 9 000 Грци“. Географски областа ги опфаќала градовите Филат, Парамитиа, Маргелеци, Парга и Гуменица со нивните окрузи, а пред да биде извршен завршниот масакар, грчката власт во периодот од Балканските војни до 1936 година од Чемерија веќе протерала речиси 30.000 Албанци.

Варварските дела на монархофашистите

Во документот понатаму се вели дека од јуни 1944 до март 1945 година, грчката војска протерала уште 20.000 Албанци од оваа област, запалила 68 села со 6 500 куќи, го ограбила целиот движен и недвижен имот на Албанците, почнувајќи од околу 130 илјади грла крупен и ситен добиток, 625 коњи, потоа близу два милиони килограми жито, 650 илјади килограми пченка, 620 илјади оки масло и друго:

„Зарвасовите банди почнаа да го масакрираат и да го тероризираат населението во Чемерија уште во 1943 година. Покрај остварувањето на политичките, стратешки и економски интереси на грчкиот шовинизам, акцијата имаше за цел истребување на  албанскиот елемент од таа област. Затоа на 26 јули силите на 10-та дивизија почнаа операции на целата територија на областа Чемерија. Служејќи се со ниско лукавство, мајорот Крамјас им нареди на  своите трупи да го опколат градот Парамитија, во кој тој влезе на 27 јули.

Неговите трупи се распоредиле низ градот и направиле најстрашни злосторства врз муслиманското население, кое верувајќи им на ветувањата, не го напуштило градот. Во Парамитија биле масакрирани 406 лица. Тие исто се однесувале и спрема жените, од кои повеќето, откако ги силувале над гробовите на нивните мажи и родители, ги затвориле во некоја куќа без никаква храна. Истите дела и на истиот начин ги направиле и во Карбунари, Драгоми, Кархик, Маргелец, Филат, Шпатар, Коске и други.

Околу 200 луѓе од Чемерија го грабнале оружјето и создале фронт за да ги запрат Зарвасовите трупи, но бројната надмоќ и модерната опрема на противниците ги натерале да се откажат од борбата и да побегнат во Албанија заедно со своите семејства.“

Според извештајот на југословенската амбасада од Атина,  Зарвасовата четничка команда, во соработка со Германците, кршејќи ја спогодбата од Казерта, ја окупирала  цела Чемерија, претворајќи ја „во пекол и кланица“, како што се вели во документот, принудувајќи го населението целиот имот да го остави во рацете на напаѓачите и да бега во Албанија:

Бегалци од Чемерија

„Кога грчката војска го окупирала Крф, голем број од Чамите населени на тој остров биле измачувани и лишени од својот имот, а 17 лица биле затворени во темница во која го поднесувале најлошото злоупотребување… Истерани од  својот крај под најтешки услови, Чамите побегнале во Албанија. Во крајот на септември целокупното муслиманско население на Чемерија ја поминало албанската граница, целосно лишено од се, носејќи со себе само неколку торби. Преку 22 000 лица се засолниле во областа Кониспол, во Вурк и Маркат… Селидбата под такви услови предизвикала епидемии, кои уништиле многу од избегнатите Чами. Денеска Чамите се населени во 15 разни населби низ Албанија, особено во Кониспол, Делвино, Флора, Ферат, Гостим, Фир, Лушња, Пекин, Каваја, Шијак, Круја и Тирана. Странците што ја посетиле Албанија, и одблизу ги виделе страдањата и патилата на избеганите Чами, го изразија своето противење спрема варварските дела на монархофашистичките Грци.

Британецот Г.Х.Л Хачинсон, член на Парламентот од Лабуристичката партија, кој патуваше да ги посети Албанија и Југославија, изјави дека на првата наредна седница на Парламентот ќе побара формирање на меѓународна комисија за контрола на репатријацијата на албанските бегалци што Грците ги истераа од нивните огништа. Тој додаде дека според доказите што  ги собрал за време на неговиот  престој во Албанија, повеќе од 25 000 лица од албанското малцинство во Грција се убиени, а другите околу 25 000 се присилени да ги напуштат своите огништа и да се засолнат во Албанија поради масакрирањето и теророт што врз нив го вршеле Грците. Американските новинари што ја посетија Албанија за време на  изборите во декември 1945 година изјавија дека „тероризираните Чами што ги испрашувавме изразија  желба да се вратат  во својот крај“.

Деца бегалци од Чемерија

Партизаните од Чемерија се бореле против балистите од Албанија!?

Во извештајот понатаму пишува:

„И покрај систематските прогонувања и притисок на кој било изложено повеќе од триесет години, албанското населенеие во Чемерија не се откажа да земе учество во заедничката борба за ослободување против фашизмот во тесна соработка со слободољубивите антифашистички сили. Првата борбена единица против фашистичкиот  окупатор во Чемерија била основана во февруари 1943 година во Маркат-Кониспол… Баталјонот „Чемерија“ во почетокот имал 150, а подоцна 400 партизани. Во јуни 1944 година овој баталјон сосема сам се борел против Германците, Зарвасовците и балистите во Повле Бабур, Керамица, Малу и во Равена…

Подоцна бил формиран мешаниот баталјон на ЕЛАС со 500 албански партизани од Чемерија, и тој веднаш стапил во акција против Германците, грчките фашисти и балистите во Филат,Смарта, Плешевица, Коска и Лопс. Мешаниот баталјон се борел покрај ЕАМ против фашистите се до крајот на 1944 година, разоружувајќи се  во исто време  со силите на ЕЛАС, на 25 март 1945 година… Од денот на своето насилно протерување,  Албанците од Северен Епир, преку Антифашистичкиот комитет во Чемерија во секоја прилика се протистирале против неправдите што му ги нанеле четничките банди на Наполеон Зервас и грчките монархофашистички органи. За да дојдат до праведно решение на проблемот на Чемерија, албанското население од оваа област неколкупати се обратило до владата на  НР Албанија, Советот на министри за надворешни работи на главните сојузнички сили, на Организацијата на Обединетите нации и на разни странски личности.

Меѓутоа, населението на Чемерија, кое остана верно на заедничките работи  за цело време на војната, и кое и натаму останува цврсто поврзано со идеалот што го водат демократските и мирољубивите народи, досега не доби никакво задоволување, иако неговите барања заслужуваат да бидат земени предвид“.

Според д-р Новица Велјановски, кој подолго време истражувал во архивите на југословенската федерација во Белград, не е познато кој е подготвувачот на овој материјал, но во придружното доверливо писмо број 806 од 16 декември 1946 година од Амбасадата на ФНРЈ во Тирана,  потпишано од секретарот Љубо Острец, испратено до Политичкото одделение на Министерството за надворешни работи на ФНРЈ во Белград, стои дека станува збор за реферат, што значи дека е подготвен од човек што во детали е запознат со судбината на албанскиот народ во Грција.

Во секој случај, документот го потврдува односот на грчките власти спрема негрчкото население, а во тој контекст и геноцидот што, слично како и Албанците од Чемерија, во уште поголеми, страотни размери ќе го доживее македонскиот народ во Егејска Македонија пред седумдесет години.

Кој е Наполеон  Зервас?

Грчкиот офицер и водач на грчките „четници“, Наполеон Зервас, е роден 1891 година а за време на Втората светска војна организирал и ја водел таканаречената Народна Републиканска Грчка Лига, герилска формација како алтернатива за комунистичкиот ЕЛАС.  Неговите акции биле сконцентрирани  главно  во Епир, каде што неговите банди имаат извршено масакар над албанското население. По војната бил министер за јавен ред во владата на Димитриос Максимос, а во владата на Софоклис Венизелос го водел министерството за труд.

Наполеон Зервас (втор од лево)

Во меѓувреме, по неговото воено конфронтирање со грчките партизани, во јавноста излегуваат информации за неговите „херојски“ дела во Епир, односно сведоштва за етничкото чистење на албанското население и документи за контактите со  германските фашисти во Грција, па Наполеон бил принуден да ја заврши својата политичка  кариера. Сепак, денес, во гратчето  Нераида, во префектурата Теспротија, има споменик на Наполеон Зервас пред кој секоја година се слави неговата победа (?!) во ова место над германската војска во 1944 година.