Блаже Миневски

(Јордан Плевнеш за судбината на балканскиот лингвистички Моцарт: Мисирков од Македонија во Европа и Светот!)

Во летото 1981 година, по завршувањето на дефинитивната верзија на драмата „Еригон“, односно по праизведбата на претставата во Драмскиот театар во Скопје, во режија на Љубиша Георгиевски на 21 јануари 1982 година, со што беше означена една тивка револуција во театарскиот и политичкиот простор на Република Македонија, со голем број на признанија за претставата на тогашните фестивали во Југославија и низ Македонија, како и по првите преводи на пиесата на неколку светски јазици (во период во кој што со многу драматични настани ќе биде навестено идното крваво распаѓање на Југославија), Плевнеш повторно творечки се навраќа на Мисирков, односно го вади од своите книжевни архиви ракописот за Крсте Петков Мисирков и, во време во кое се прикажува серијата за Вук Караџиќ во Србија, како и за личности од хрватскиот и словенечкиот историски простор, се затвора во куќата на поетот Михаил Ренџов на Нерези и напишува 24 епизоди за серија за Мисирков што ја предлага, заедно со режисерот Љубиша  Георгиевски и научниот консултант Блаже Ристовски на тогашното раководство на МРТВ. Одговор никогаш не добива.

Паралелно со молкот на продадените македонски души, кои владеат во Скопје во тесна соработка со озлогласената УДБА,  и негирањето на идејата за тв-серија посветена на Мисирков, Плевнеш ја започнува полемиката во белградски НИН под наслов „Научен дијалог над отворен гроб“, која ќе трае цела година и во која тогашниот млад автор ќе се спротивстави на трите балканолошки институти во Софија, Солун и Белград, кои организираат симпозиум за иднината на Балканот во Европа со историско бришење на Македонија. Таа есен 1982 година овој текст на Плевнеш ќе покрене лавина реакции во сите југословенски простори и ќе го стави младиот македонски писател во центарот на еманципацијата на македонското право на судбина во европската цивилизација.  Подоцна со отворањето на радикалниот историски рез во македонското битие со делото Мацедонише цуштенде (Македонски состојби) и губилиштето на македонските синови во фашизмот и комунизмот, Плевнеш останува со списите за Мисирков како лично богатство на духовниот очај. Во тоа време за првпат во новата македонска и југословенска историја го открива значењето на македонската синтагма во архивите во Виена.  „Македонски состојби“  значи да не се знае кој кого убива и во чие име!

„Вашата револуција не е моја!“

Во тоа време, следејќи ја максимата на Крсте Петков Мисирков „јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината на мојата татковина“,  Плевнеш ќе ги напише и своите нови драми и ќе продолжи со своите пост-модерни алогички бомби до неговиот славен говор на последниот Конгрес на југословенските писатели и неговиот монолог од 28 експлозивни редови за перверзијата на југословенската црвена буржоазија со неговиот крик: „Вашата револуција не е моја! Јас имам право на приватна револуција!“ Еден од најголемите југословенски автори на сите времиња Мирко Ковач ќе изјави: „Ништо нема да запамтам од последниот Конгрес на југословенските писатели, освен зборовите на младиот Плевнеш!“

По изведбата во САД и американските одгласи за неговата драма „Р“, една од најизведуваните македонски драми во светот, Плевнеш есента 1988 година заминува со семејството во Париз како лектор по македонски јазик на Институтот за ориентални јазици и цивилизации каде што продолжува со неговиот драмски сон за Мисирков со сите нови откритија за неговата неверојатна биографија која може да биде како екстравагантна референца во „антологијата на модерните херои изгубени во хаосот на балканската и европската историја“, како што вели. Отпрвин започнува со сценарио за долгометражен филм посветен на Мисирков. Бара по своите стари ракописи од серијата и брзо заклучува – текстот треба да биде драма која ќе се одвива во последниот ден од неговиот живот на Земјава на 26 јули 1926 од изгрејсонце до зајдисонце! Во очи на наближувањето на 100-годишнината од појавата на книгата „За македонцките работи, Плевнеш се затвора во една мансарда во близина на Плоштадот „Одеон“, кај неговиот пријател, францускиот поет Жан Ложие, и таму ја пишува драмата „Последниот ден на Мисирков“. Ја испраќа во Скопје и чека повратна информација.

„Секој глас на Планетата земја е засебен глас!“

Во својот есеј за драмата со наслов  „Дефиниција за Македонија, или љубов или смрт“, академик Георги Старделов пиесата за балканскиот лингвистички Моцарт ја сместува во плевнешовскиот интернационален Axis mundi. Додека драмата ја чека својата театарска реализација, МАНУ организира симпозиум во кој учествуваат 30 македонисти од цел свет, а во програмата е вклучен  и сценски приказ на пиесата, во режија на Владо Цветановски, со Ѓорги Јолески, Кирил Ристевски и плејада македонски актери. Приказот е изведен во Универзалната сала во Скопје во мај 2003 година.

На тој начин Мисирков како драмски херој ја започнува новата одисеја на освојување на Европа и светот. Но, требаше да поминат шест години до првата вистинска театарска претстава со наслов „Последниот ден на Мисирков“ Во 2009 година пиесата е поставена во еден неверојатно инспиративен мизансцен на Дејан Пројковски во Народниот театар „Антон  Панов“ во  Струмица, гостувајќи потоа на повеќе фестивали на Балканот и во Европа. На Медитеранскиот фестивал во Марсеј, во јануари 2011 година, претставата  е проследена со овации. Во оваа поставка ликот на Мисирков го толкува Крсте Јовановски,  со сите истакнати имиња на овој театар,  кои според одгласите во францускиот печат го пренеле „сонот на модерниот лингвист што се залагал за европска иднина на Балканот со отфрлање на  сите етнички и братоубиствени форми на ликвидации од минатото и сегашноста“.  Подоцна, во 2014 година, кога МНТ со „Вечната куќа“ од Јордан Плевнеш, во режија на Дејан Пројковски,  гостува на Европскиот фестивал во Националниот театар во Будимпешта, француската театарска критичарка Беатрис Пикон Вален  прави естетски приказ за телевизијата „Еуроњуз“ и како главна тема го зема токму ликот на Крсте Петков Мисирков во драмата и неговата теорија за антропофонетиката –  дека секој глас на Планетата земја е засебен глас и никој нема право никому да му ја одзема слободата да сонува на сите 6324 јазици од листата на УНЕСКО.

Реплики од драмата „Последниот ден на Мисирков“:

МИСИРКОВ ( на Екатерина н.з) : И ти треба да ја знаеш Македонија, зашто ти си љубов, а таа е камен во моето срце…

ЕКАТЕРИНА: ( во мигот кога Мисирков умира н.з.)  Крсте, љубов моја…поминавме заедно дваесет и осум илјади километри… ги прочита сите  книги на светот…научи живи и мртви јазици… во сите нив ја бараше Македонија и не ја најде, и јас сега немам ни скршена копејка… Крсте мој… ковчегот да ти го платам…

МИСИРКОВ ( на Спространов кој го клевети на бугарската власт за македонски сепаратизам н.з.) Јас цел живот бев протеруван зашто и Македонија беше протерана самата од себеси…

ЕКАТЕРИНА: По поделбата на Македонија, во Балканските војни, ми рече ако е погребана Македонија во самата себеси, тогаш воопшто не е битно каде ќе бидам погребан јас…

(продолжува)