На денешен ден, пред точно 80 години, на 10 октомври 1946 година, посмртните останки на македонскиот револуционер Гоце Делчев биле свечено положени во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје, по повеќедневното патување од Софија, проследено со масовни собири и оддавање почит.
Ви претставуваме 12 архивски документи од 1946 година, кои ја откриваат организацијата на овој историски настан. Преписката меѓу Народноослободителниот фронт на Македонија, Илинденската организација во Софија и претставниците на македонската емиграција сведочи за преговорите, согласноста на роднините на Гоце, подготовките за свеченостите и соработката со тогашните бугарски власти.
Особено значајно е писмото од 10 јули 1946 година, во кое Илинденската организација објаснува како ги чувала посмртните останки на Делчев повеќе од две децении и ја презела обврската да ги предаде на властите во слободна Македонија. Останатите документи ги откриваат промените во првичните планови, составот на делегациите, задолженијата на организациските одбори и службените дозволи за патување.
На 7 октомври 1946 година, со свечена церемонија во Софија, започнало пренесувањето на посмртните останки. По патувањето низ Пиринска Македонија и повеќе македонски градови, на 10 октомври тие биле положени во Скопје. Со тоа бил исполнет заветот што го чувале Гоцевите соборци, неговите останки да почиваат во главниот град на слободна Македонија.
















