Ова се досега необјавени фотографии и документи за Јанка Каневчева, вереницата на Гоце Делчев, која пет или шест години по неговата смрт се мажи за Михаил Герџиков, а во 1910 година ја добива ќерката Магда, која доживеа 99 години и почина во 2009 година во Софија. Фотографиите и материјалите се од албумот на семејството на Јанка и досега јавноста ги нема видено

Блаже Миневски

Љубовта на Гоце Делчев,  една година порано, знаела дека на нејзиниот сакан му се подготвува ликвидација. Како што е познато, Гоце Делчев е убиен на 4 мај 1903 година во Баница.  При увидот тоа било потврдено и од  еден од неговите заробени четници, Георги Савеклијата. Но, власта во Цариград, сепак, бара и дополнителни докази од турското преставништво во Софија.  Во врска со тоа, на 9 мај 1903 година, пет дена по убиството, испратена е шифрирана телеграма директно од Портата.

Дипломатите на Султанот на 14 мај испраќаат кус одговор до Великиот везир:

”Делчев е меѓу најглавните раководители на Внатрешната организација, а извештаите за неговата смрт во весниците се уште не се поткрепени со документи”.

Иако во весниците нема документи – веројатно се мисли на фотографии од мртвото тело на убиениот – овојпат, за жал, Гоце Делчев навистина бил убиен. Недофатливиот Ахил, осуден во отсуство на смрт во 1901 година; големиот македонски револуционер Делчев – за чија глава Султанот давал 500, а подоцна и цели 1000 лири, плус бинбашиски чин – конечно е мртов.

Но, зошто Султанот не им верувал на весниците? Веројатно затоа што со година наназад излегувале разни информации и репортажи за тоа дека Гоце Делчев е убиен. Од друга страна, се поставува  прашањето кој толку брзал, јавно, преку весник, да го „убие” апостолот на  македонското револуционерно движење?

Јанка со ќерка и Магда, некаде околу 1915 година

Жената која Гоце неизмерно ја сакал

Според писмото на Јустанијана (Јанка) Каневчева, љубовта на Гоце Делчев, неговото убиство „медиумски”, се подготвувало цела година однапред. Загрижената учителка Јанка, на 8 февруари, 1902 година, пишува писмо, кое следниот ден го испраќа до редакцијата на софискиот  весник „Дело“ , барајќи да се демантираат гласините за наводното убиство на Делчев. Во тоа кратко писмо, охриѓанката Јанка Каневчева, жената која Гоце неизмерно ја сакал, пишува:

“Почитуван редакторе; Ви испраќам  во поштенски марки претплата за три месеци на Вашиот весник “Дело”.

Ве молам, ако е возможно, да објавите еден демант на распространетите лажни гласови дека г. Г. Делчев бил убиен. Ако е можно да се објави, веднаш и весникот да ми се испрати на адреса: “Пловдив, Петар Мутавчиев, учител”.

Докажете , ве молам, дека е жив и здрав, иако мнозина веруваат дека г. Г. Делчев е убиен. Докажете им дека е жив!

Ако не сакате, тогаш не ми испраќајте на наведената адреса ништо.

И сето ова, ве молам, да не се знае од кого е и кој го испраќа.“

На ова фотографија се Јанка (седи во средина), Славка, Олга (немаме податоци за тие жени) и Петар поп Арсов. Фотографијата е снимена во Скопје во 1904 година

На крајот од писмото, Јанка пишува дека писмото го пишува во Софија на 8 февруари и дека „останува со вера” дека демантот ќе се објави. Таа добро знаела, бидејќи постојано била во контакт со својот вереник, дека Гоце Делчев  во тоа време бил во обикоилка на четите. И секогаш, кога имал можност, преку куририте, испраќал абер до Јанка дека е здрав и жив. Таа знаела се: знаела каде е и кога ќе дојде. Кон крајот на истата 1902 година, кога којзнае по кој пат се проширил глас дека е убиен, таа со растреперено срце го пречекува во својот дом. Тогаш не демантира, зашто лагата е очигледна, а Гоце е до неа. Пресреќна е што може да го прегрне, што може да му се порадува, што можат да бидат барем за кратко заедно, вљубени и среќни. Но, за жал, нивните заеднички среќни мигови, траеле само неколку дена. По Божиќните празници таа 1902/03 година, Гоце Делчев, пред да замине повторно во Македонија, доаѓа на проштална вечера кај неа. Неговата Јанка му подготвува убава вечера, но му  предава и црвено востаничко знаме со лав и фигура на девојка. Јанка на шега му вели дека лавот е тој, а девојката е таа. Гоце слатко се насмејува, земајќи го знамето што таа самата го извезла. По вечерата Јанка го изненадува со убав Божиќен подарок – срмен џемпер за да го чува од студот по македонските планини. За да не и го расипе расположението, Делчев не и кажува дека тој е против востанието за кое веќе речиси јавно се зборува. Заминува од домот на својата вереница, облечен во нејзиниот џемпер.

Јанка (на фотографијата седи и држи букет цвеќе во рацете) со другарка. Фотографијата е снимена во Софија

Истата ноќ се сретнува и со својот драг пријател и соборец, Михаил Герџиков, кој, на секаков начин, упорно се обидува да го убеди да го одложи своето итно заминување  во Македонија. Герџиков предлага заедно да заминат по неколку недели. Според  неговите спомени, воопшто не сакал да разговара за никакво одлагање; бил многу растревожен и потиштен од одлуката токму таа пролет да се крене општонародно востание во Македонија. На Герџиков му признал дека ќе стори се да се одложи востанието, затоа што народот не е вооружен и  не е подготвен за такво нешто. Во такви услови, тоа нема да биде востание, туку кланица. Михаил Герџиков, неговиот верен другар и соборец, подоцна ќе запише дека никогаш не го видел Гоце толку тажен и загрижен.

Пред да замине го прегрнал, и, со солза во окото, му рекол:

”Ако се случи нешто со мене, ако ме убијат, има две нешта за кои милеам – татковината и Јанка. Чувај ги и двете. Ако некогаш, подоцна, се родат некакви чувства меѓу тебе и Јанка, бидете благословени”.  Што се случува потоа со Гоце, Јанка и Михаил?

Смртта на Гоце и…

Гоце ја напушта Софија веднаш по Божиќните празници. Најпрво стигнува во Самоков, а потоа, преку Боровец и селото Говедарци, четата се спушта во Демиркапискиот премин и започнува нова обиколка на Македонија. Во фебруари 1903 година, Делчев е во Неврокопско, каде што како “гром од ведро небо”, како што ќе рече самиот, го пресретнува веста дека Солунскиот конгрес  пред две недели ја донел конечната одлука за “општонародно стратегиско востание”. Претседателот на ЦК на македонската револуционерна организација, Иван Гарванов, не почувствувал никаква потреба ниту да го консултира за таквото решение. Затечен од таквиот развој настаните, Гоце е сосема депримиран и потиштен. При една средби со Пејо Јаворов, му вели дека ќе оди во Солун за “да ги чуе лично луѓето што ја донеле таа одлука”.

Јанка (во средина стои) Каневчева

На 26 април, Гоце  стигнува во Солун. Тука од Гарванов, а особено од Даме Груев, го добива последниот удар на разочарување. И Груев е за востание, иако знае дека народот е многу слабо вооружен. Пресоблечен во ќумурџија го напушта Солун и заминува во Серско, каде што има намера да  дејствува кога ќе почне востанието. Притоа, разочаран и потиштен, не ги презема  неопходните, вообичаени мерки за обезбедување. На 2 мај 1903 година, доаѓа во селото Баница, не знаејќи дека реонот е полн со турска војска, поради потерите по војводата Георги Радев. Во тоа време четите на Михаил Чаков и на Димитар Гоштанов се стационирани во кориите над селото Горно Броди. Од таму ја гледаат турската војска што се движи кон селото. Приквечер Чаков и Гоштанов добиваат наредба од Серскиот окружен раководител Лазар Димитров да го пречекаат “апостолот” во селото Баница.  Двајцата војводи со своите чети веднаш тргнуваат и на 4 мај, околу два часот по полноќ, веќе се во Баница. Делчев ги пречекува во куќата на Запро Ципаров. Запалуваат по една цигара и се повлекуваат на одмор. Додека четите одмораат, Баница е сардисана од турската војска. Војводата Радев, кој не можел да заспие, го буди Гоце и од чардакот двајцата гледаат дека Турците се веќе сред село. Токму  тогаш го убиваат раководителот на Организацијата во селото, Стојан Попов, а Гоце, Михаил Чаков, Георги Радев, Димитар Гоштанов и сите комити од четите, ги напуштаат куќите на Герги Трендафилов и Запро Ципаров. Предводена од Гоце, неговата група излегува на “Бакарово гумно”. Тука тој пука во војниците кои ненадејно излегуваат од зад камените потпорни ѕидини на нивите. Во таа куса престрелка, еден куршум го пронижува Гоце во градите. Имал само триесет и една година и два месеца.

Ракопис на Магда за мајка и Јанка: „Мајка ми Јанка е родена на 11 јуни 1878 година во Охрид… братучетка на Шапкарев… од 1898-1904 учителка во Скопје…“

Следниот ден – петти мај 1903 година – турската војска прави увид на местото и утврдува дека меѓу убиените е и Гоце Делчев. Во него се најдени карта на Серскиот реон и упатство за минирање на пругата. Куршумот го беше пронижал и џемперот што за Божик му го подарила Јанка Каневчева. Војводата Михаил Чаков во своите спомени, меѓудругото, пишува:

“Гоце лежеше ничкум. По заповед на командирот, војниците ги превртеле убиените. При превртувањето на Гоце, командирот Тефиков, Кукушанец, пријател на Делчев од детството, веднаш го познал и рекол: Ете, тое е Делчев!

На шести мај посмртните останки на Делчев и Димитар Гоштанов биле положени во одделни гробови под високите брестови на пољаната наречена Света Недела. На Ѓурѓовден 1906 година, Михаил Чаков и Таската Серски организираат тајна мисија за откопување на коските на Гоце (откопани се само дел од коските, бидејќи тие на другиот дел – градниот кош – телото се уште не било распадното и тие коски најверојатно уште лежат во земјата на брдото на кое се наоѓала Баница). Ковчежето го сокриваат под светиот престол на црквата во Баница. Моштите на Гоце почиваат во црквата до 1917 година. По три горења на селото и на црквата, ковчежето со коските за чудо останува цело под олтарот. Благодарение на Михаил Чаков и на клисарот Никола Мутафчиев, моштите на Гоце се однесени во градот Ксанти, а во 1917 година, преку Пловдив, во Софија. До 1923 година, ковчежето се чува во домот на Михаил Чаков, пред икона, осветлени деноноќно со кандило.

На фотографијата: Магда (1910-2009), ќерката на Јанка, облечена во син фустан и седи, лево над нејзе е застаната ќерката на Магда, односно внуката на Јанка, до нејзе е Марија, внуката на Магда, односно правнуката на Јанка и десно, на крајта во светло сино здолниште и исшарана бела женска маица, е пра-правнуката на Јанка, односно правнуката на Магда

На 2 август 1923 година, скапоцените мошти се изнесени од домот на Чаков И следните десет дена ковчежето е изложено за поклонение  во црквата “Света Недела” во Софија. Потоа се качени на црковниот таван, а оттаму подоцна се пренесени во канцеларијата на македонското б ратство “Илинден”. Ковчежето со моштите на Гоце до 1946 година се чуваат во македонскиот дом ма “Пиротска” во Софија. Притоа треба да се каже дека уште во 1923 година на кивотот со моштите било напишано: “Ги заколнуваме поколенијата што ќе дојдат, моштите да бидат погребани во главниот град на неависна Македонија”.

Заветот е исполнет и во октомври 1946 година моштите на Гоце се пренесени во  црквата “Свети Спас” во Скопје,главниот град на независна Македонија.

Нејзиното сведителство

Вереницата на Гоце, охриѓанката Јустинијана (Јанка) Каневчева за неговата смрт дознава неколку дена подоцна. Следните неколку година таа ќе ги помине во црнина, иако била девојка; тој и таа си имале дадено збор само меѓу себе, без обврски и без сведоци. Пет година подоцна, “откако се родиле чувства меѓу нив”, Михаил Герџиков и предлага брак. Следната година им се раѓа ќерката Магда. Таа подоцна живее во Софија. Војводата Михаил Герџиков, еден од најблиските и најверните соработници на Гоце Делчев, докрај го исполнил заветот на својот другар: Се грижел за Јанка до нејзината прерана смрт, и се борел за Македонија до својата смрт. Вереницата на Гоце ја зел за сопруга, а Македонија, иако само на еден дел, станала независна држава. За жал, семејството на Гоце, ја доживува судбината на неговата Македонија: тој е во Скопје, гробот на неговата мајка Султана е во Кукуш, татко му Никола почива во Благоевград (Горна Џумаја), брат му Христо е погребан во Софија, а на брат му Милан –  не му се знае гробот…Нема ниту една фотографија на Гоце со браќата, сестрите или со роднините. Нема фотографија ниту со својата вереница Јанка Каневчева, девојката која толку многу ја сакал.

“Докажете, ве молам, дека е жив и здрав”, би напишала таа и тогаш, тој кобен мај 1903 година, но овојпат знаела дека веќе никаков демант не може да ја промени вистината; никаков демант не можел да и го врати Гоце. Нејзиниот вереник бил мртов, а не стигнале ниту да се сликаат за спомен.

Ова е досега единствената јавно позната фотографија на Јанка                                  

ЈАНКА И НЕЈЗИНАТА ЌЕРКА МАГДА

Ќерката на Михаил и Јанка, Магда, родена е на 16 јануари 1910 година, Без мајката Јанка останала на 10 годинишна возраст, бидејќи некогашната љубов на Гоце, починала во 1920 година.

Магда починала на 99 годишна возраст, на 12 април 2009 година во Софија. Погребана е во гробот на татко и, Михаил Герџиков, на Централните софиски гробишта.

МИАХИЛ ГЕРЏИКОВ

Михаил (Мишел) Герџиков е роден во Пловдив 1877 година. Иако по националност бил Бугарин, тој е еден од најзнаменитите борци за ослободување на Македонија, истакнат револуционер, војвода и соработник на Гоце Делчев и Јане  Сандански. Се школувал во Пловдив, а студирал право во Лозана и Женева. Биле ден од основачите на Македонскиот таен револуционеен комитат. Под името Тодор Луканов, една учебна година бил учител во Битола, заедно со Даме Груев. Во редовите на македонската револуционерна организација се вклучил во Солун во 1900 година. Потоа предводел чета составена  по препорака на Гоце Делчев. Работел во неколку околии во Македонија. Учествувал во Илинденското востание, но и во Балканските војни. Во 1919 година работел во Временото претставителство на бившата БМРО, на возобновување на Организацијата. Поради  крвавите пресметки и колежи во БМРО во 1923 -1924 година, правени со цел да се обезглави македонското револуционерно движење, Герџиков емигрирал во Виена, каде што се вклучил во редовите на БМРО (Обеддинета) на Димитар Влахов. Во Бугарија се вратил во 1934 година, по забрамната и растурањето на ВМРО на Ванчо Михајлов. Во Софија се движел меѓу македонската левоориентирана емиграција. До крајот на својот живот останал верен на Гоцевата македонска револуционерна организација.

Герџиков