На денешното рочиште за т.н. организатори на настаните од 27 април, свој исказ како обвинет имаше и екс претседателот на Собранието, тогашен претседавач со конститутивната седница, Трајко Вељановски. Неговиот исказ ја содржи целата хронологија на настаните кои претходеа на 27 април, од декември 2016 година, па се до пучот извршен со неделовничкиот избор на Талат Џафери за претседател на Собранието, по што следеше отворање на вратите од законодавниот дом и влезот на масата луѓе внатре.

Ексклузивно, Денешен.мк ви го пренесува целиот исказ на Вељановски кој ја открива вистината за 27 април и за сите настани кои му претходеа на 27 април а во кои тој имал учество. Што се случувало во Собранието во тие месеци и денови? Еве го исказот на Вељановски преку страниците на Денешен.мк:

И С К А З

Прашање : Од кога и што сте работеле во Собранието на РМ

Одговор : Пратеник од јули 2006 год.  до јуни 2008 год., од јуни 2008 год. до 30 декември 2016 год. – претседател на Собранието на РМ, а од 30 декември 2016 до август 2020 пратеник во Собранието и претседавач на конститутивната седница.

Прашање : Може да ни објасните како се одвиваше конститутивната седница од 30 декември 2016 год  до 27 април 2017 год.?

Одговор: Како претседател на Собранието од претходниот состав конститутивната седница ја закажав на 30 декември 2016 година, согласно Уставот и Деловникот на Собранието со 4 точки на дневниот ред и тоа 1.Верификациона комисија , 2.Верификација на мандати, 3.Избор на Комисија, 4. Избор на Претседател.

За непречено течење на седницата закажав подготвителен состанок на 29 декември 2016 година. На тој состанок присуствуваа претставници од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијанса за албанците.

Јас на состанокот инсистирав да се постигне договор за сите точки од дневниот ред за да заврши седницата како што треба. Но од страна на претставникот од СДСМ, Оливер Спасовски и претставникот од ДУИ, Талат Џафери, беше побарано да се прекине со завршување на  втората точка, а тоа е верификација на мандат на пратениците, а со третата точка избор на Комисија за избор и именување да не се продолжи. Од моја страна беше инсистирано барем со третата точка да завршиме односно да избереме Комисија за прашања на избори и именувања, а доколку уште нема утврдено кандидат за Претседател на Собрание да ја прекинеме седницата само со таа точка, дури од моја страна им беше даден пример од 2006 година кога конститутивната седница се прекина после третата точка, бидејќи немаше уште утврдено кандидат за ПСРМ. Јас бев тогаш избран за претседател на Комисијата за избор и именувања и по седницата на Комисијата го известив претседавачот Стојан Андов дека и треба време на Комисијата за да утврди предлог-одлука за ПСРМ и после 5-6 дена откако се постигна договор од парламентарното мнозинство се предложи кандидат за ПСРМ – г-н Љубиша Георгиевски, конститутивната седница продолжи после пет дена со четвртата точка со избор на ПСРМ по што изборот и беше извршен.

За жал, и Оливер Спасовски и Талат Џафери не сакаа да дадат предлози за Комисијата за избор и именувања, а без нивен предлог не можеше да се расправа и избере Комисија и затоа конститутивната седница беше прекината со втората точка. Зошто ова го кажувам и зошто е битно? Имено, доколку ја изберевме Комисијата за избор и именување на 30 декември, не ќе можеше никој да го користи филибастерот по продолжување на седницата, туку по продолжување на седницата веднаш ќе се одеше на избор на ПСРМ.

За ова постои записник од 29 декември 2016 год. изготвен и потпишан од страна на сите претставници на политичките партии кој беше изведен како материјален доказ, а истото ова го потврдија и сведоците Африм Гаши,  Илија Димовски и Сања Угриновска Спасеновска.

Утредента ја започнав седницата и на почеток на седницата Оливер Спасовски побара процедурално и се побуни зошто јас ја водам седницата, а не најстариот пратеник Бранко Манојловски. Од моја страна му беше кажано дека така е според Деловникот. Имено, кога претходниот ПСРМ е пратеник во новиот парламентарен состав, тој ја води конститутивната седница. Тоа се потврди и во 2020 година кога Талат Џафери ја водеше конститутивната седница, иако не е најстар пратеник. Зошто ова го кажувам? Затоа што секој пратеник може да дава предлози, забелешки но тие предлози мора да бидат согласно Деловникот и Деловникот е најмеродавен патоказ за седницата а не кој што предлага. Во изминатите девет години како ПСРМ мене основно правило ми беше примена на Деловник, а не предлагачот, како што во судот е битно првин примена на процесниот закон, а потоа материјалниот закон,

Седницата си продолжи по дневниот ред и ги усвоивме првите две точки и ја прекинав седницата на третата точка согласно договорот постигнат од претходниот ден. Воедно, јас не можев да ја продолжам третата точка затоа што немав предлог за состав на Комисијата на избори и именувања, а тој предлог, согласно чл. 20 од Деловникот на Собранието, мора да биде потпишан од најмалку десет пратеници. И во 2020 година исто така конститутивната седница се прекина со втората точка, бидејќи немаше предлози за другите точки.

Ова го потврдија и сведоците Африм Гаши, Оливер Спасовски,Талат Џафери, Илија Димовски, Антонио Милошоски, Влатко Ѓорчев, Зоран Илиоски и други пратеници од тогашниот парламентарен состав

Исто така на самата седница укажав дека што поскоро треба да се усогласат претставниците на политичките партии со цел да ми достават предлог за состав на Комисијата за избори и именувања.

Истовремено на таа седница согласно чл. 10 став 1 од Деловникот ги назначив пратениците Стојан Миланов и Јусуф Хасани како заменици претседавачи. Јас пред почеток на седницата побарав СДСМ и ДУИ да ми предложат пратеници кои јас би ги назначил за заменици претседавачи , но тие ме одбија и ми кажаа дека не сакаат да ми предложат заменици претседавачи.

Сето тоа може да се види во стенографските белешки од Конститутивната седница одржана на 30 декември 2016 година кој беше изведен како материјален доказ, како и исказот на сведокот Стојан Миланов.

На 23 јануари 2017 година се достави Известување за формирање на пратеничка група Движење БЕСА, при што координатор е Африм Гаши, а за заменици координатори Зеќирија Ибраими и Фадил Зендели.

Овој допис е архивиран во Собранието под арх. бр 08-327/1 од 23.01.2017 година и истиот допис се достави до сите пратеници и овој допис е изведен како материјален доказ, како и од исказите на сведоците Африм Гаши, Фадил Зендели и Зекирија Ибраими, и истовремено се докажува дека е лажно сведочењето на сведокот од обвинителството Сашко Коцевски дека Зекирија Ибраими не бил заменик кординатор.

За жал во јануари и во февруари и до средината на март не добив известување за продолжување на конститутивната седницата, од јануари до средината на март, јас контактирав со претставниците на партиите за продолжување на седницата, но тие ми договараа дека е рано, дека се уште нема договор, а кога ќе има ќе ме известат. Оттука, јас не можев да продолжам со седницата додека немам официјален предлог за точките од дневен ред. За сето ова е запознаена јавноста и има официјални документи.

Цело време се ввели дека конститутивната седница траела 4 месеци што не е точно – таа траеше 22 работни дена.

Дури на 17 март 2017 добив допис од пратениците на СДСМ и коалицијата, од ДУИ, Алијанса за Албанците и БЕСА за да се продолжи Конститутивната седница.

Овие дописи се заведени во архивата на Собранието под арх. бр.08-783/1 од 17.03.2017 година. Како материјален доказ овие дописи се изведени, како и исказите на сведоците Зоран Заев, Африм Гаши и други кој потврдија дека го потпишале барањето за продолжување на седницата дури на 17 март.

Врз основа на Барањето за продолжување на Конститутивната седница, закажав нов подготвителен состанок на 21 март 2017 година, за да се договорат претставниците на политичките партии за составот на Комисијата за избори и именувања и врз основа на тој договор да ми достават официјално предлог за состав на Комисијата на избори и именувања потпишан од најмалку десет пратеници, за да можам да ја продолжам третата точка од Конститутивната седница. За жал на тој состанок не се постигна договор за составот на Комисијата за избори и именувања, поради тоа што претставниците на политичките партии имаа различни ставови.

Подготвителниот состанок го презакажавме за следниот ден односно 22 март 2017 година, со мое барање да се договорат за составот на Комисијата до тогаш. Но, за жал и тој ден не се постигна согласност помеѓу претставниците на политичките партии. Јас побарав да се консултираат претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со своите лидери на политичките партии и го презакажав подготвителниот состанок за следниот ден 23 март 2017 година. На тој подготвителен состанок на 23 март 2017 година се постигна сосгласност за составот на Комисијата за избори и именувања и се договори во текот на денот да ми достават официјален предлог за состав на Комисијата и по добивањето на предлогот да го закажам продолжението на Конститутивната седница за 27 март 2017 година.

За сите подготвителни состаноци има записници од 21, 22, и 23 март 2017 година кои се потпишани од страна на сите претставници на политичките партии и изведени се како материјален доказ, како и исказите на сведоците Африм Гаши, Илија Димовски и други.

Во текот на денот на 23 март 2017 се достави Предлог врз основа на чл. 20 од Деловникот за состав на Комисијата, потпишан од 17 пратеници од различни партии и тоа ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијанса за Албанците и истиот овој предлог е заверен во архивата на Собранието под арх. бр 08-830/1 од 23 март 2017 година. По добивањето на Предлогот го закажав продолжението на Конститутивната седница на 27 март 2017 година.

На 27 март 2017 година до мене беше доставена Исправка на составот на Комисијата, која што истата е заведена во архивата на Собранието под арх. бр. 08-830/2 од 27.03.2017 година, а истовремено и на тој датум беше доставен Предлог за кандидат за претседател на Собранието потпишан од 62 пратеници кој исто така е заведен во архивата на Собранието под  ахр.бр 08-846/1 од 27 март 2017 година.

Дописот потпишан од 17 пратеници за состав на Комисија со исправката и предлогот за кандидат за претседател на Собрание се изведени како материјален доказ, а истото се потврди и од исказите на сведоците Зоран Заев, Африм Гаши, Илија Димовски, Зоран Илиоски и други пратеници.

Во текот на истиот ден на 27 март 2017 година ја продолжив Конститутивната седница со третата точка и за време на истата точка се пријавија голем број на пратеници за збор. Бидејќи беа пријавени голем број на пратеници за збор, јасно беше дека седницата ќе трае поголем број денови.

Во изминатите години имало многу случаеви кога по една точка од дневниот ред имало пријавено за збор поголем број на пратеници и се расправало по десетици денови по таа точка.

Со оглед на тоа дека седницата траеше поголем број денови, јас во меѓувреме одржав неколку координации со претставниците на политичките партии и тоа на 28 март, 29 март, 30 март, 31 март, 3 април и 5 април 2017 година и на истите координации барав и инсистирав да се постигне договор помеѓу претставниците на политичките партии за да се откажат од збор или од реплики и контра-реплики, со цел да преминеме на четвртата точка, избор на претседател на Собранието. Но, за жал, не се постигна договор помеѓу претставниците на политичките партии и седницата мораше да продолжи согласно дневниот ред и пријавените за збор.

За ова постојат записници од 28, 29, 30, 31 март, како  и од 3 и 5 април потпишани од страна сите претставници на политичките партии. Како и исказите на сведоците Африм Гаши, Ејуп Алими, Сања Угриновска Спасеновска кои потврдија дека на кординација сум барал пријавените пратениците да се откажат.

На 6 април 2017 година на седницата на Собранието имаше предлог по член 78 став 2 од Деловникот, од страна на пратеникот Оливер Спасовски да се прекине со расправата по третата точка и да се премине на четвртата точка, иако имаше пријавено за збор по таа третата точка. Овој предлог е спротивно на чл. 80 став 2 во кој е наведено: Претресот по точката  трае се додека не се исцрпи листата на пратеници кои се пријавиле за збор.

По дадениот предлог од Оливер Спасовски свикав координација на 6 април во 12,00 часот и на истата се постави и ова прашање кое е спротивно на чл. 80 став 2 од Деловникот, кое нешто го укажаа и други претставници на политичките партии и не постоеше согласност за примена на член 78. ст. 2 бидејќи е спротивно на Деловникот. Ова го потврдија и сведоците Илија Димовски и Оливер Спасовски.

Дека примената на чл. 78 ст.2 како што предлагаше Оливер Спасовски е спротивно на Деловникот и никогаш не се применил кога има пријавено дискутанти по точката, потврдија голем број на сведоци и тоа преку 20-тина пратеници од ВМРО, пратеници од ДПС, пратеници од СПМ, а истото го потврдија и сведоците Зоран Заев, Оливер Спасовски и Талат Џафери кои кажаа дека ниту пред 27 април а ниту  после 27 април не се применил чл. 78 ст. 2 така како што предлагаше Оливер Спасовски, односно кога има пријавено дискутанти по една точка да се прекине со неа и да се прејде на друга точка од истата седница.

По таа координација се продолжи со Конститутивната седница согласно редоследот на пријавени пратеници за збор. Во текот на тој ден свикав нова координација во 16,30 часот каде пратениците Илија Димовски и Оливер Спасовски се договорија да остварат контакт за да ги приближат нивните ставови, со цел побрзо да се заврши со третата точка од дневниот ред. Седницата продолжи на 10 април и пред почетокот на истата одржав координација за да се види дали ги приближиле своите ставови. Тие ме известија дека имале средба, но не се договориле за текот на Конститутивната седница и откажување од пријавените за процедурални забелешки и намалување на бројот на реплики и контра- реплики.

 За овие кординативни средби постојат записници од 6 и 10 април 2017 година, потпишани од страна на сите претставници на политичките партии кои се изведени како материјален доказ.

Во наредните денови продолжи Конститутивната седница по третата точка согласно пријавените за збор се до настанот на 27 април 2017 година. Тој ден како и другите денови се започна со седницата по третата точка од дневниот ред согласно редоследот на пријавените пратеници за збор, реплики и контра реплики. Некаде околу 13,00 часот пратеникот Зоран Заев процедурално реагираше и побара пратениците да се откажат од збор за да заврши седницата и кажа: Ќе се носи одлука во оваа сала, ќе се носи одлука во некоја од другите сали на Собранието, во ходникот, на скалите, во амфитеатарот на Правниот факултет, во МАНУ.

После процедуралната забелешка од страна на Зоран Заев јас неколку пати ги замолив пратениците да се откажат од збор, реплики и контрареплики за да може да се заврши седницата, но пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и други партии, но имаше и пратеници од СДСМ, како Оливер Спасовски, Радмила Шеќеринска, Дамјан Манчевски,  не ја прифатија молбата и не се откажаа. Тоа е нивно деловничко право и јас не можам и не смеам да им го скратам тоа право.

Сето ова може да се види во стенографските белешки од Конститутвната седница одржана на 27 април 2017 што беше изведен како материјален доказ како и исказите на сведоците Зоран Заев, Весел Мемеди, Талат Џафери, Реџаил Исмаили, Ејуп Алими од ДУИ, Алија Камберовски од ПЕИ, Иван Стоиљковиќ од ДПС, Љупчо Димовски од СПМ, Илија Димовски, и други 20-тина пратеници од ВМРО  дека неможам да тргнам пријавен пратеник освен ако тој сам не се откажи и дека повеќе пати сум упатувал апел да се откажат пратениците.

Антонио Милошески и Влатко Ѓорчев потврдија дека и пратениците од СДСМ, Оливер Спасовски, Радмила Шеќеринска, Дамјан Манчевски  не го прифатија апелот и не се откажаа, ова плус се утврди од изведениот материјален доказ стенографски белешки од 31 мај 2017.

Би сакал да напоменам дека СДСМ претходните 6-7 денови, а не само на 27 април нон стоп држеше прес конференции и најавуваше дека ќе извршат избор на ПСРМ. За тоа сведок е и јавноста, а и присутниве новинари тука на ова судење, но за мене најмеродавен податок, дали дента ќе дојде до изборот или не, е мониторот за пријавени пратеници за збор, реплики и контра-реплики. Со оглед на тоа дека имаше многу пратеници пријавени за збор не ни очекував дека дента ќе дојде до избор. Но доколку се откажеа пријавените пратеници таа можеше во секој момент да заврши.

После 14,00 часот за време на паузата, пратеникот Зоран Заев одржа прес конференција во прес салата на Собранието и истото јавно го повтори на прес конференција. Тоа што го кажа Зоран Заев јавно на пресот, со порака ме извести вработената во кабинетот Сања Угриновска Спасеновска, за што сакам да напоменам дека таа порака се експлоатира без последните неколку збора а тие се: “Вечерва имаат централен одбор и мислам дека утре ќе се обидат да го направат изборот , со што јасно се кажува дека на 27 април не се очекуваше да се случи избор на ПСРМ и сите немили настани што следеа.

Сето ова се потврди од стенографските белешки од 27 април кој е изведен како материјален доказ како и од сведочењето на Зоран Заев и сведочењето на Сања Угриновска Спасеновска која кажа дека била надлежна за односи со јавноста и за известување од прес конференциите и дека ми испратила порака од пресот на Зоран Заев и тоа била вообичаена комуникација за сите прес конференции.

Пораката што ја добив од вработената во Собрание, Сања Угриновска Спасеновска ја препратив до Никола Груевски , информативно односно нешто што целата јавност го знаеше од самиот прес и тоа го имаше по сите портали и медиуми.

Некаде по завршување на паузата после 15,00 часот, седницата продолжи со редовен тек согласно пријавените пратеници. Во текот на седницата ме известија од службата дека има писмо односно барање потпишано од 31 пратеник од СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијанса за Албанците, со кое бараат продолжението на конститутивната седницата да биде закажано за 28 април 2017 година (петок), со почеток во 11,00 часот. Дописот е заведен во архивата на Собранието со арх. бр. 08-1079/1 од 27.04.2017 година.

Дописот-барањето е изведен како материјален доказ а истото го потврдија и сведоците Сања Угриновска Спасеновска од кабинетот, пратениците Петар Атанасов, Диме Велковски, Татјана Прентовиќ, Коста Јаневски од СДСМ, Алија Камберовски од ПЕИ, Јулија Николова од ЛДП, Реџаил Исмаили од ДУИ, Теута Биљали,Фадил Зендели, Зекирија Ибраими од БЕСА.

Ова беше повод да помислам дека ќе има редовен тек седницата на 27 април и дека ќе продолжи утредента на 28 април.

Некаде околу 16,00 часот добив препратена порака од Никола Груевски, што тој ја добил од Панче Кралев. Оваа порака за мене немаше никакво значење бидејќи:

Прво, имаше пријавено голем број пратеници за збор, реплики и контра-реплики на мониторот.

Второ, веќе го имав добиено дописот односно барањето потпишано од 31 пратеник за продолжување на конститутивната седница за наредниот ден на 28 април.

Трето, претходниот ден односно на 26 април исто така добив препратена порака од Никола Груевски кој што пак ја добил од Митко Чавков дека тој ден на 26 април ќе се извршело избор на претседател на Собрание што не се случи на тој ден.

Сето тоа наведуваше на несериозноста на препратената порака. Седницата си продолжи со редовниот тек.

Некаде околу 17 часот и 10 минути дадов кратка пауза од 5 минути и ги повикав претставниците на политичките партии на кратка координација во салата на владата. На таа кратка координација дојдоа пратениците Оливер Спасовски од СДСМ, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, Ејуп Алими од ДУИ, Зекирија Ибраими од БЕСА, Весел Мемеди од Алијанса за Албанците. На таа пауза побарав заеднички да одлучиме да ја продолжиме седницата за наредниот ден согласно дописот односно барањето потпишано од 31 пратеник. Заеднички сите одлучивме седницата која што ќе трае до 18,00 часот да продолжи наредниот ден, согласно барањето од 31 пратеник.

Овој договор во сведочењето го потврдија Илија Димовски, Оливер Спасовски, Весел Мемеди, Ејуп Алими и Зекирија Ибраими.

Овој договор од кординација, претставниците на политичките партии го пренесоа на пратениците дека е договорено седницата да продолжи и утредента на 28 април, што беше потврдено од голем број на сведоци и тоа преку 20-тина сведоци од ВМРО-ДПМНЕ, од ДПС, СПМ, ДУИ, и од други политички партии.

По таа кратка пауза се вратив за да ја продолжам седницата и таа продолжи со редовен тек. После некои десетина минути откако продолжи седницата се јави за процедурално пратеникот Оливер Спасовски, кој побара согласно член 78 став 2 од Деловникот да се стави предлогот за гласање за да се прекине третата точка и да се продолжи со четвртата точка, иако третата не е завршена. На овој предлог процедурално реагираше пратеникот Илија Димовски дека ваквиот предлог е спротивен на Деловникот односно на член 80 став 2. За овој предлог веќе беше разговарано на координациите на 6 и 10  април и ваквиот предлог е спротивен на Деловникот и затоа не може да се стави ваков предлог на гласање. По Илија Димовски, процедурално збор зеде пратеникот Крсто Мукоски, кој во својата процедурална забелешка ја пееше македонската химна. По Крсто Мукоски следен кој што процедурално зеде збор е пратеникот Антонијо Милошоски, па потоа пратеникот Зоран Илиоски процедурално, па пратеникот Владимир Ѓорчев, исто така процедурално. По сите нив, процедурален збор зеде пратеникот Зекирија Ибраими кој што истовремено е и заменик координатор на пратеничката група БЕСА,.

Сето ова може се виде од стенографските белешки од 27 април кои се изведени како материјален доказ, како и од исказите на сведоците Илија Димовски, Антонио Милошоски, Владимир Ѓорчев, Зоран Илиоски, Никола Тодоров.

Од исказите на сведоците Џеват Адеми и Артан Груби се потврди дека Зекирија Ибраими бил пријавен пред нив за процедурално, а не како што лажно сведочеше Сашко Коцевски дека преку ред му е дадено збор на Зекирија Ибраими.

Зекирија Ибраими во процедуралната забелешка пееше на албански. За време на пеењето немаше превод од собранискиот преведувач Беса Дрндар и јас не бев запознат што се пее на албански. Тоа беше кратко негде околу дваесетина секунди и веднаш штом заврши ја прекинав седницата бидејќи беше 18,00 часот и закажав продолжение за утредента 28 април  во 11,00 часот.

Во тоа време, на 27 април, пратеник кога зборува од говорница, претседавачот нема механизам за да го исклучи микрофонот. Кога пратеник зборува од местото на кое седи во салата, има копче кај претседавачот преку кое што може да се исклучи микрофонот. Ова го потврди и сегашниот претседател на Собрание Талат Џафери кој кажа дека немало можност ни до 27 април ни после 27 април од пултот да се исклучи пратеник кој говори од говорница.

Исто така  и пратениците Теута Биљали, Фадил Зендели и Африм Гаши од пратеничката група Беса потврдија дека ниту тие лично, ниту пратеничката група имале сознание дека Зекирија Ибраими во процедурално ќе ја пеел албанската химна и дека тоа било негова лична одлука.

Од друга страна, пратеникот Зекирија Ибраими потврди дека бил заменик кординатор и како заменик кординатор се пријавил за процедурално да зборува. Рече и дека му била овозможена процедурална дискусија, а дека поттикнат од дневната дискусија и од Крсто Мукоски кој ја испеал македонската химна, тој во знак на протест испеал дел од албанската химна и дека тоа било лично негова одлука.

Сведочењето на сведокот Сашко Коцевски дека после пеењето на македонската химна од страна на Крсто Мукоски сум му дал веднаш збор на Зекирија Ибраими е лажен исказ, затоа што после Крсто Мукоски, процедурален збор имаа тројца пратеници и тоа Антонијо Милошоски, Зоран Илиоски и Владимир Ѓорчев, а дури после нив Зекирија Ибраими, како заменик кординатор на пратеничката група БЕСА. Сето тоа го кажувам наспроти тврдењето на сведокот дека на Ибраими му е даден збор за дискусија  како што кажува сведокот.

Дека е лажно сведочењето може да се утврди од стенографските белешки и видео записот  од 27 април кои се изведоа како материјален доказ.

Дека јас како претседавач стрикно сум го почитувал и сум се придружувал кон одредбите на Деловникот го потврдија и сведоците Зоран Заев, Петар Атанасов, Африм Гаши, Никола Тодоров и други пратеници кои сведочеа.

Во 18,00 часот согласно член 68 став 4 ја прекинав седницата и продолжението на таа седница ја закажав на 28 април во 11,00 часот согласно Деловникот и согласно договорот и писмото потпишано од 31 пратеник кое е заведено во архивата на Собранието со арх. бр. 08-1079/1 од 27.04.2017 година, а тоа може да се види и од стенографските белешки од седницата од 27 април.

Откако ја прекинав седницата и закажав продолжение на седницата  за утредента се качив во кабинет и за жал после тоа се случија немилите настани во Собранието за кои најискрено жалам што се случија. И како што кажа еден сведок – едни беа физички жртви, други политички жртви, а севкупно сите жртви и сите изгубија.

Сведочењето на сведокот Сашко Коцевски го сметам за тенденциозно и лажно! Како прво, тој вели дека сум бил член на Извршен Комитет на ВМРО-ДПМНЕ што не е точно и лага е, затоа што од 2008 година кога станав претседател на Собрание па до сега не сум член на ИК.

Како второ, за мене е неприфатливо еден службеник во Собранието, по занимање машински инженер, кој раководи со системот за гласање да ја оценува мојата работа како претседател на Собрание во изминатите 10 години и тој да кажува дали е применет Деловникот или не. Таквиот чин го сметам за нерелевантен и сметам дека не е квалификуван за таков тип на сведочење и тенденциозен, а исто така и како лажен исказ.

Исто така сведочењето на сведокот Александар Василевски дека на 27 април лицето  Биљана Бришковска комуницирала со мене и дека ми наредила да се отворат вратите – е лажен исказ. Јас ни претходните денови, ни тој ден, а ни наредните денови, немав ама баш никаква комуникација со лицето Биљана Бришковска, што е потврдено и од сведокот Биљана Бришковска на 11 март .

Прашање: Може да ни кажите дали имавте контакти со Владимир, Миле, Спиро?

Одговор: Со Владимир Атанасовски не сум имал никакви контакти изминатите 9 години додека сум бил ПСРМ. Него прв пат го сретнав кога започна овој процес. Не го познавав и не знаев ни лицето како му изгледа. Со Миле Јанакиески сум имал контакти службено додека беше министер, а во текот на 2017 година не сум имал никакви контакти – ни службени, ниту лични! Со Спиро имав службени контакти преку пораки и тоа неколку дена пред 27 април и на 27 април пред почеток на седницата, но тој контакт беше во врска со инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат.

(завршен исказ)