Скоро и да не постои објаст во која според извештајот на ЕК не е детектирана стагнација или уназадување, а прогрес е детектиран во многу малку сегменти. Ваквиот извештај на ЕК, претставува вистински потрес за власта, која секојдневно не убедува дека работи на некаква европска агенда.
Злооупотребата на „европското знаменце“, корупцијата на власта, организираниот криминал и немањето на реформи во правосудниот систем – се загрижувачките елементи кои се провлекуваат во најголемиот дел од извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија.
Уште на првите страници од извештајот, власта доби шлаканици за несоодветното користење на европското знаменце.
-Недоволното планирање е проблем, и поради тоа има претерана злоупотреба на брзите постапки (н.з. за гласање на закони во собранието), вклучувајчи и неадекватна употреба на „Европското знаменце“. – стои во извештајот на ЕК за Македонија.
Во извештајот, од Европската Комисија на нашата влада експлицитно и укажуваат како треба да го користи „Европското знаменце“.
-„Европското знаменце“ треба да се користи кога се гласаат закони кои за главна цел имаат усогласување со европската регулатива, а не за да се заобиколи јавната дебата за важни прашања. – стои во извештајот.
Не поминавме ништо подобро ни за корупцијата, констатирано е дека корупцијата, особено онаа на високите функционери останува еден од најголемите предизвици.
– Не беше постигнат никаков напредок во борбата против корупцијата. Корупцијата останува распространета во многу области и е загрижувачко прашање. Се зголемија одложувањата и превртувањата на судењата на случаите на корупција на високо ниво, што резултираше со истекување на рокот на застареност на некои случаи. Кривичниот законик е изменет по брза собраниска постапка. Максималните законски казни за конкретни кривични дела поврзани со корупција беа намалени, што имаше импликации врз примената на застареноста и влијаеше на голем број тековни случаи на корупција на високо ниво. Ова ја попречува способноста на властите да истражуваат и гонат таквите прекршоци во иднина. Ова е прашање на сериозна загриженост. – стои во извештајот на Европската Комисија, кој ексклузивно го пренесува Радио Лидер.
Во негативниот извештај на ЕК кој се однесува на судството, нотирано е и како што велат од комисијата „контроверзното разрешување на претседателјката на Судскиот Совет, која создава загриженост за политичко мешање“.
Детектирани се и бројни политички мешања и скандалозни одлуки на судовите.
-Генерално, нема напредок во зајакнувањето на судската независност и подобрување на правната рамка за заштита на основните права. – стои во извештајот на Европската Унија.