Во оваа кратка верзија од романот, која, во делови, ќе излегува секој петок во весникот „ДЕНЕШЕН“ се испреплетуваат историските вистини за Кирил и Методиј, дозирана фикција со суштинската потреба за здраво семејство како основна клетка во општеството од каде потекнуваат сите борби и кое е засолниште од сите животни бури и борби. Романот претставува критика и напуштање на стереотипните ликови од модерната книжевност, каде ликовите се или самци или разведени или вдов(и)ци. Опишани се паралелни дејства: едните во денешното време, други во минатото, кои ги поврзуваат позитивните карактерни особини: стремежот за слобода, еднаквост, знаење, творештво и истрајност во напорите да се прави добрина и кои во расплетот се соединуваат. Делото настанува поради јубилејот кој треба да настапи во блиска иднина: во 2023 година се одбележува 1160-годишнината од создавањето на првата словенска азбука, која пак за свој темел го има јазикот на македонските Словени во околината на Солун.

Пишува Дарко РУСЕВСКИ

Глава 13

Во дворот на една запуштена куќа на крајот од село Колари во падините на планината Бистра беше паркиран автомобил. Внатре во куќата во собата каде порано се наоѓала кујната сега имаше само една многу стара маса и неколку столици. На нив прашината и пајажината создаваа светлосив слој, што укажуваше дека никој не стапнал внатре со години. Мартин го носеше Кузман на рамо, кој пак беше во бесознание, но сé уште жив. Го полегна на земја за да може да ги спои столиците и потоа со последни сили го крена и го смести Кузман врз нив. За среќа Кузман не изгубил толку многу крв. Мартин се надеваше дека нема скршеници по телото. Бар ништо на телото на Кузман не укажуваше на тоа. Се стрча до кај својот автомобил и го зеде приборот за прва помош и пак дотрча назад. Му ја дезинфицира и соши раната на главата на Кузман. Се сети дека некој можеби ќе ги види, па автомобилот го препаркира веднаш зад куќата. Не знаеше од каде демнее опасност и мораше побргу да го освести Кузман за да можат потоа да продолжат до Охрид. Мартин примети во Кузман чесен човек на кого може да му верува и откако му го доделија случајот со исчезнатото писмо, Мартин цело време не го испушташе од очи, бидејќи и тој самиот знаеше за отцепената секта која порано припаѓала на франечките свештници и дека токму тие се виновни за исчезнувањето и убиствата на луѓе кои се труделе да ја изнесат сектата во јавност. Цели дванаесет века постои таа секта и за жал сé уште нема кој да им ги разбие ќелиите. Најверојатно само Кузман, како последна жртва, останал жив. Потплатуваат, уценуваат или врбуваат луѓе од највисоки позиции, им киднапираат членови од семејството само да го остварат тоа што го замислиле. Се знае дека се колекционери на стари предмети, писма, книги. Така го градат култот за нивната голема моќ.

Кузмане, денес требаше да си во Скопје и да отидеш во зградата каде го виде знакот на Уроборос, но во последен миг го смени планот. Го плашеше помислата што ќе види таму. Не беше сигурен што Мартин сакаше од него и полека во задниот џеб посегаше по пиштолот.  Седнат на земја, Мартин насети некакво движење. По звук слушна дека доаѓа од кај Кузман. Кузман полека ја размрдуваше ногата. Се преправаше дека се обидува да дојде на себе, па постојано ги отвораше и затвораше очите. Мартин се доближи до него. Извесно време очекуваше од Кузман нешто да прозбори, но бидејќи не испушташе глас туку само гледаше кон плафонот, Мартин започна да го прашува:

„Ме слушаш ли?“, подвикна Мартин.

Немаше никаков одговор. Малку почека, па пак го праша:

„Можеш ли да се движиш? Ќе ти требаат твоите нозе. Те пратам цело време откако беше кај нас. Знаев дека можам да ти верувам. Сектата што се обиде да те убие има многу свои луѓе насекаде. Не знам кому да му верувам. Ни колегите не знаат дека сум со тебе. Знаат само дека сум на терен.“

Кузман се мачеше да се подисправи сам, а откако успеа му одговори:

„Имаш среќа, пријателе,“

Мартин го погледна чудно и го праша:

„Јас сум имал среќа? Ти имаш среќа што остана жив. Те влечев до мојот автомобил по оние ливади, ридови и камења. Ко да влечам слон. Едвај успеав.“

Кузман му се насмевна и рече:

„И јас не знаев дали со добра намера си го направил тоа или со намера да ме довршиш. Затоа кога ми поставуваше прашања јас те слушав, ама и го извлекував пиштолот од задниот џеб.“

Мартин се насмевна подбивно и му рече:

„Е немаш куршуми. Јас ги зедов од твојот автомобил заедно со телефонот кога те извлекував. Внатре во кутијата сите куршуми беа на број. Воопшто не си претпазлив. Носиш празен пиштол. Кога мислеше да го наполниш?“

„ Па и не мислев. Блефирав. Сепак, подруго е кога го имаш. Можеш да манипулираш, ако ништо друго. Не знам ни да пукам. Не сме ние професорите по пукање. Нам најјакото оружје ни се книгите.“

„Добро, доста со муабети. Можеш да стоиш на нозе. Ај пробај да се исправиш!“, во брзање му заповеда Мартин.

Се тетеравеше малку дури да стане. Мартин стоеше до него за да биде сигурен дека нема да падне. Застана на двете нозе и правеше првин ситни чекори. Многу го болеа нозете. Едвај се довлечкаа двајцата заедно до колата. На влегување Мартин му рече:

„Ќе одиме заедно во Охрид и ќе најдеме сместување каде не мора да се евидентираме. Никогаш не знаеш каде сектата има свои луѓе.“

Глава 14

Панонија, прекрасна и плодородна земја. Не бадијала го добила и името: мочуриште, вода или мокра. Насекаде распослани мали куќички, не толку одалечени една од друга. Големи имоти со ниви, неколку видови на добиток во скоро секоја куќа. Во домаќинствата имаше претежно садови од глина кои датираа уште од римско време. Земјени и тесни друмови ги поврзуваа малите со големите градови. Доста мирен и весел народ, но такви не беа и сосдеите. Постојано се бранеа од нападите на Германите. Им беше напаѓан и јазикот и начинот на богослужењето. Не дозволуваа на тие простори да се шири словенскиот јазик, ниту пак да се создаде словенска христијанска црква. К. и Методиј имаа многу сложена работа, а теренот беше уште поопасен од оној во Моравија. Од секаде беа деградирани. Нивната работа беше прогласувана за еретичка бидејќи не го ширеа Христијанството на еден од трите дозволени јазици: грчки, латински и еврејски.  Имаа таква среќа што кнезот Коцел ги штитеше и им даде уточиште во Мосбург кај езерото Балатон. Немаа избор, сакаа да продолжат со нивната мисија по секоја цена.

„Каде и да се свртиш, непријатели. Уште не сум видел вакво нешто. Толкава омраза се насобрала кај католичкото свештенство, што не можеш да препознаеш дали се луѓе или ѕверови.“- разочарано рече К.

„Немојте да бидете загрижени. Има поставено насекаде стражари, така што нема ништо да ви се случи. Јас гарантирам за вашата безбедност. Вашиот престој во Панонија е од голема важност за мене лично и за народот на Панонија.“-убедливо рече Коцел и додаде: „ веќе неколку недели сте тука, дали има напредок во вашата работа? Сакам веста да ја чујам лично од вас.“

„Има голем напредок, но им се прети на луѓето, народот е уплашен и оние малкумина што ќе дојдат за кратко време си одат. Страв им е да не ги видат.“-рече Методиј.

К. се сврте и го дополни Методиј: „Нивните цркви се празни, никој не оди кај нив. Не можат да соберат данок. Поради тоа се гневни и организираат напади на нашите цркви. Ни ги кршат прозорците. Оставаат претечки пораки пред влезните врати. Прават сѐ само да го спречат народот да доаѓа.“

„Штета што за ова не слушнав порано. Зошто не сум информиран за ова?“

„Ние пративме писмо веднаш штом ја добивме првата порака со грозоморно претење. Отсекување на раце и нозе, убивање на трудници, киднапирање и сакатење на децата и што уште не. Сето тоа го наведовме во писмото. Зошто не стигнало до Вас, честити кнезу, не знаеме. Можеби некој не сакал да стигне нашиот глас до Вас.“

„Нема повеќе да ви додеваат. Лично ќе се погрижам за тоа. Луѓе на кои им верувам ќе ги набљудуваат црквите и ќе реагираат ако насетат опасност.“- нервозно возврати Коцел и се дополни: „одам уште сега да им дадам задача што треба да прават. Немојте да се грижите за вашата безбедност. Има двајца чувари пред влезот од црквата. Одаите заклучувајте ги пред спиење за секој случај. Останете со здравје.“

„Бог нека те чува!“-возвратија и двајцата.

Кога требаше да ги распакува работите, Методиј примети дека нешто не е во ред. Внатре во торбата имаше писмо за кое беше сигурен дека тој не го ставил во торба. Веднаш му се обрати на К.:

„Овде има едно писмо. Да не си ги помешал торбите и си ги ставил кај мене?“-зачудено праша Методиј.

„Не, јас користам други торби. Не користам туѓи за да ставам свои работи во нив. Дај да видам!“

Го зеде писмото во раце и го сврте од страната на жигот. Константиновиот крст. Симболот на Византија. Го скрши восокот, го стави писмото на масата и ја доближи свеќата за да може точно да прочита. Писмото беше напишано во курзив, но не беше разбирлив сосема. Изгледа некој бргу сакал да го напише и прати:

Вие веќе ја завршивте вашата мисија на север. Нема што да се задржувате повеќе таму. Во преговори сме со Рим за да им ги отстапиме црките ним тие да ги вршат религиозните обреди таму. Не смееме повеќе да стоиме меѓу нив и Словените од север. Нам ни е важно пријателството со Рим. Што е можно поскоро да се вратите во Константинопол. Ве чекаат други важни задачи.

 Игнатиј.

 К. не може да го стори тоа. Бар не во оваква позиција. Беше многу блиску до воспоставување на богослужба на словенски јазик во црквите. Не сакаше ниту педа да отстапи од тоа. Го искина писмото и го фрли во огин.

„Не сме добиле никакво писмо, нели?“- К. очекуваше потврден одговор.

„ Значи, ќе мора да одиме наскоро во Венеција?“-праша Методиј.

„Токму така. Откако ќе напишам писмо на папата Никола.“- К. беше категоричен.

Се насетуваше мирис на чад. На Методиј му стана чудно и отиде да провери. Додека да се доближи до прозорецот, забележа дека некој сакаше да предизвика пожар во близина на конаците. Гледаше тројца како пробуваа да распламтат оган. Методиј го повика и брат му Кирил да го види сето тоа. Сакаа најпрвин да ги соберат најважните работи и да го напуштат местото. После извесно време се слушна силен глас каде им довикнува на тројцата:

„ Оставете ги факелите инаку ќе ве распарчиме!!!“, се слушна непознат глас веднаш од зад ридот покрај конаците.

„ Ги фативме!“, со радосен глас извика уште еден глас од зад ридот.

Од истото место од каде се слушнаа гласовите излегоа најмалку дваесет луѓе, од темнината не можеше да се види точниот број.

К. се сврте кон Методиј:

„ Е сега ќе дознаеме кои се и зошто го прават ова. Но, мислам дека знам кој може да стои зад сето ова.“

„Претпоставувам на кого мислиш.“, олеснително воздивна Методиј.

(Продолжува)