Таканаречениот Преспански договор за името, односно трајното решение за името, има многу темни комори во себе, една од нив е Преамбулата на Уставот, за што во Македонија се молчи. Дали таа ќе се менува и што се ќе се менува?

Но, важно прашање е како тој ќе се импленмтира и во странство, како Македонците во САД, Канада, Австралија ќе го спроведуваат, што со научните трудови… И токму оваа точка од договорот Заев-Ципрас сега е цел на грчките напади, зашто, јасно е, покрај дворските игри на Атина да се пресретне секоја можна замка која го содржи зборот „македонски“, во таа битка е вклучена и грчката дијаспора.

Токму за ова пред некој ден Грците го „закачија“ Виктор Бивел, македонски Австралијанец, основач на издавачката куќа Политекон (http://www.pollitecon.com) со седиште во Сиднеј, Австралија.

На веб страницата на издавачката куќа се наведува дека таа публикува „квалитетни книги за Македонците од северна Грција со осврт на културата, историјата и борбата за елементарни човекови права“. А, ова не им се допадна на Грците, затоа што Куќата на Бивел истакнува: „Наша цел е да помогнеме Грција да ја запре политиката на системски расизам и да стане толерантно, мултукултурно општество“

Професорот Димитрис Циовас, од Универзитетот во Бирмингем, Англија, во напис неодамна објавен во грчки медиуми истакнува дека „е очигледно дека дејностите на оваа издавачка куќа ќе го нарушат духот и словото на ирационалниот договор доколку тој некогаш се ратификува“.

За овој професор, а не е единствена птица во грчкото шовинистичко јато распространето по универзитетите низ целиот свет, кои антимакедонизмот го доведоа на ниво на универзитетски кјурикулум, истакнува дека „Македонците ги нема само на Балканот, туку и во Канада и во Австралија, каде некои „Македонци“ дојдоа по Граѓанската војна (во Грција). Во овие земји беше оживеан спорот за името, кога тие маршираа, протестираа и честопати се вклучуваа во домашната политика. Македонците се одржаа во живот во држави како Австралија и Канада, а тие честопати за проблемот зборуваа со новите имигранти (од бивша Југославија) кои и не знаеа што точно се случува“.

„Дури и македонскиот јазик се изучува во школите во Австралија. Па, ако Македонците со потпишаниот договор најдоа некакво решение на Балканот, што ќе се случи во земјите како Австралија или Канада“, прашува Циовас.

Бидејќи договорот, барем во формата која ја знаеме, стои дека тој не се однесува за организации кои не се финансирани од државата Македонија. Ако е така, тогаш грчките напади би оделе кон владите на Австралија, САД или Канада, и би барале стриктно почитивање на македонската капитулација потпишана во Преспа. Како што беше со битката за „фиромизирање“ и „славизирање“ која Грците ја водеа пред повеќе од 20 години. Но тогаш македонските влади барем парираа како-така, а сега?

Самиот Виктор Бивел за Денешен вели дека се противи на Преспанскиот договор. „Подобро е да нема договор, отколку да се постигне ваков договор“.

-Сметам дека беше погрешно да се отвора повторно „прашањето за името/културниот геноцид“. Требаше да се остави тоа да се заборави и да се остави да умре. Но, Заев повторно го отвори – вели Бивел, чие потекло е од Егејска Македонија, чие семејство во Австралија емигрирале пред околу 100 години.

Бивел, кому Грција му го забрани влезот во таа земја, а претпоставува дека тоа е заради неговиот политички активизам, вели дека Заев и Димитров можеле и веројатно морале да постигнат подобар договор. „Лесно е да постигнеш договор кога си кренал раце од толку многу важни точки“, додава тој.

На прашањето како тој и неговата издавачка куќа ќе се однесуваат во однос на пропишаното во Договорот, Бивел вели: „Секогаш Македонците ќе ги викам Македонци. сметам дека „Македонец/Граѓанин на Република Северна Македонија“ е погрешно. Ерга омнес е погрешно. Повеќе од 130 држави ја признаа Македонија и тие се вистински пријатели на Македонија. Таму Македонија треба да се фокусира“.

– Договорот се обидува да ја озакони историјата. Колку глупаво е тоа. Ова е Орвелизам, нагласува тој.

А, што на пример во однос на Библијата, каде Македонците, а не Грците, или кој било друг, конкретно, за одредени историски настани запишани и докажани, се наведени дваесетина пати, како тоа ќе се регулира во иднина? Ќе има една Библија само за нас Македонците, а другите библии ќе се пишуваат по грчки диктат? Многу нејасно, ќе се согласите?

-Во однос на Библијата, ним или воопшто не им е гајле, или ќе се обидат Македонците да ги „продадат“ како „Грчки Македонци“ или како „не-Македонци“.

Има многу проблеми во однос на Договорот. Затоа, би сакал да ги видам Македонците како се фокусираат на тоа референдумот да пропадне – истакнува Бивел.

Тој порачува дека на Грција, ЕУ и на НАТО не треба да им веруваме. „Како што напишав на мојата Фејбук страница, Грција и Бугарија како членки на ЕУ и на НАТО не им помогнаа на Македонците во Грција и во Бугарија. И по сите овие години тие не се признати и се под притисок. Затоа мислам дека членството во ЕУ и во НАТО нема да им помогне на Македонците во Македонија. Спротивно на тоа, полека тие ќе станат Северномакедонци.

Но, сметам дека сега не чека глобална македонска борба, како што беше во перидот 1994-2000 во Австралија, порачува Виктор Бивел.